За Новогодишната трпеза …
Потребно е:
1 патка (околу 2 кг)
50 мл масло
800 гр домати пелати
200 гр црни маслинки
1 китка зачински билки (ловор, целер, темјан)
2 чешниња лук
1 чашка за ракија вињак
100 мл бело вино
20 гр путер
2 лажичиња нишесте (Густин)
50 мл маслиново масло
1 лажиче мелен сув зачин
за кнедлите:
250 гр пченично остро брашно
1 јајце
малку сол
100 мл вода
Подготовка:
– Патката измијте ја и исчистете ја. Внатре истријте ја со мелениот сув зачин, а од надвор со сол. Ставете ја во тава, прелијте ја со врело масло и покријте ја со алуминиумска фолија.
– Ставете ја да се пече во загреана рерна на 220 целзиусови степени околу 1 час.
– За тоа време направете го тестото за кнедлите. Во еден сад ставете ги брашното, јајцата, малку сол и вода и замесете цврсто тесто. Обликувајте ги кнедлите и ставете ги да се варат околу 5 минути во посолена вода што врие.
– Извадете ја тавата со патката од рерна, тргнете го вишокот маснотија и додадете ги исцедените домати, маслинките, здробениот лук и китката зачински билки. Сипете го вињакот и виното. На патката наредете парчиња путер.
– Вратете ја тавата со патката повторно во рерна на 200 степени да се пече 15-тина минути. Потоа температурата смалете ја на 180 степени и оставете да се пече уште околу 1 час (ако е потребно намалете ја температурата на 150 степени). Во тек на печењето полевајте ја патката со течноста од тавата.
– Извадете ја печената патка од тавата. Врелиот сос од зеленчук згуснете го така што ќе му додадете нишесте разматено во малку вода и кратко со постојано мешање варете го на рингла.
– Печената патка исечете ја и премачкајте ја со маслиново масло.
– Послужете ја со сосот од зеленчук и кнедлите.