Првиот подводен музеј во Грција што пилотски започна со работа лани и се наоѓа на островот Алонисос од денеска повторно е отворен за посетителите – нуркачи, јави дописничката на МИА од Атина.
Во подводниот музеј, на длабочина од 25 метри се наоѓаат остатоците од товарен брод кој потонал меѓу 425 и 420 година п.н.е, се претставува еден од најголемите бродоломи од Класичниот период, а бил откриен во 1985 година во морскиот дел во близина на островчето Перистера.
Тој бил еден од најголемите трговски бродови во тоа време, со должина од 30 метри и ширина од десет метри, а пренесувал околу 3.000 амфори полни со познато вино.
Се претпоставува дека трговскиот брод бил во сопственост на трговец од Атина, а за начинот на кој потонал, една теорија е дека го зафатила бура додека пловел близу брегот, а другата дека избувнал пожар на палубата.
Од каде тргнал и која била крајната дестинација не е познато, а од археолошка гледна точка, бродоломот е од огромно значење поради големиот број зачувани и неоштетени амфори.
За големото значење говори и фактот што го доби името „Партенон на бродоломите“.
Подводниот музеј од денеска и во текот на целата туристичка сезона е отворен за сите нуркачи –аматери.