Научниците тврдат дека е пронајдена локацијата каде древните земјоделци први одгледувале Capsicum annuum, најчест вид на чили пиперчињата. Следејќи ги генетските, археолошки, јазични и еколошки докази открија дека одгледувањето на овој лут зачин е роден во централно и источно Мексико.
– Идентификацијата на потеклото на чили пиперчињата не е само академска вежба, изјави главниот автор на студијата Пол Гептс, научник од Универзитетот Калифорнија и додаде:
– Следејќи го потеклото од која било домашна билка подобро го разбираме генетскиот развој на тој вид и потекло на земјоделството – голем чекор во човечката еволуција.
Родното место на чили пиперчињата е…
Генетскиот материјал од десетина примероци земјоделски одгледувани и диви чили пиперчиња укажа на североисточно Мексико како извор за одгледување на Capsicum annuum, открија научниците. Но, научниците ги проучиле и археолошките докази и еколошките предвидувања каде билките би можеле да бидат одгледувани со оглед на климатските услови во минатото. Дури ги анализирале и древните речници каде биле вклучени зборови за чили пиперчињата. Кога сите ови фактори ги земале предвид, родното место на омилениот зачин се помести малку појужно во централно источниот регион на Мексико.
Кристин Хасторф, научник од Универзитетот Беркли во Калифорнија која се занимава со проучување на употребата на билките кај древните култури, рече дека интердисциплинарноста ги збогатува истражувањата.
– Најслабата алка се археолошките податоци, рече за Live Science Хасторф, која не беше вклучуена во студијата, но ја прегледала. Истакна дека авторите имаат само два археолошки докази за Capsicum annuum – еден од пештерата Ромеро во мексиканската држава Тамаулипас, а другиот од пештерата Кохкатлан, јужно во државата Пуебла, двата докази се стари околу седум до девет илјади години. Двата примероци не мораат да бидат репрезентативни примероци за „ припитомување“ на чили пиперчињата, туку случајно откритие на местото на кои археолозите копале и барале траги од древните билки.
Хасторф исто така, смета дека е занимливо што генетските податоци укажуваа на североисточно Мексико како извор на локација на одгледување чили пиперчиња. Според нејзино мислење и тоа е можно, а пиперчињата лесно можело да бидат превезени понатаму на југ.
– Тоа што е убаво кај чили пиперчињата е дека можат да се јадат сирови, можат да се сушат, лесни се и преносливи, рече Хасторф. – Можете да замислите како лесно можеле да се пренесат чили пиперчињата кон југ.
Резултатите од новата студија се објавени во списанието „Proceedings of the National Academy of Sciences“.