Последните 20 години Марио Салкедо живее на брод за крстарење и тврди дека е најсреќниот човек на светот. Салкедо помина 21 година како финансиски директор во мултинационална компанија, а според негова проценка поголемиот дел од тоа време го мина во патување. Ваквиот начин на живот, обележан со постојаните летови на авиони, за миг го умори, па реши да направи радикална промена во животот.
Се пензионираше предвреме и одлучи да го помине остатокот од својот живот во патување, но овој пат чисто за да ужива. Уморен од патување со авион, Марио реши да патува со брод, а својот нов дом го нашол на бродови за крстарење.
– Бев болен и уморен од авионите – рече тој и додаде дека во Мајами, каде што тогаш живеел, постојано гледал бродови за крстарење на пристаништето и секогаш бил љубопитен како е да се плови по нив, а кога се качил на бродот за прв пат знаел дека сака да го помине остатокот од својот живот на крстарења.
Тој тргна на своето прво патување во 1997 година, а во следните три години Салкедо го испроба речиси секое крстарење и брод што можеше да го резервира, барајќи ја вистинската комбинација на удобности и атмосфера. Тој отплови до Скандинавија, Јужна Америка и Европа.
Во јануари 2000 година, тој зачекори на брод за крстарење, кој во тоа време беше најголемиот брод што го нуди Royal Caribbean. Имаше иновативни атракции како што се ѕид за качување, дарежливи награди за лојалните патници и одличен персонал.
-Ми требаше стабилност. Ја избрав линијата за крстарење за која мислев дека е најдобра, и се случи да биде Ројал, рече Салкедо, додавајќи дека на секое крстарење обично има 15 или 20 луѓе со кои се спријателувал на минатите патувања.
Со тоа што Салкедо веќе 20 години живее на брод за крстарење, го доби прекарот Супер Марио, а во последните дваесет години не бил на бродови за крстарење само за време на забраната за пловидба поради пандемијата на коронавирус. Тој вели дека животот на брод за крстарење има многу придобивки.
– Не морам да го фрлам ѓубрето, не морам да чистам, не морам да си ги перам алиштата. Ги елиминирав сите непотребни активности, па го имам целото време на светот за работите во кои уживам – вели Салкедо.
Важи за најсреќниот човек на светот иако е сингл. Вели дека лесно се спријателува со екипажите, но дека никогаш не оди на организирани патувања со групи патници. Тој претпочита да ужива во кујната на бродот, во цигарата во бродскиот бар, да чита, да планира нови дестинации, да ужива во вечерните часови на концерти на бродот, но и во пливање и нуркање.
Салкедо вели дека животот на море, каков што си избрал, има свои недостатоци.
– Повеќето пријатели што ги имав на копното се откажаа од мене. Тоа е една од лошите страни. Никогаш не сум дома, па тие врски едноставно изумираат – рече тој, додавајќи дека е невозможно да не изгубиш контакт со реалниот свет кога живееш на туристички крстарења.