Галеријата „Ван Итн“ во Лос Анџелес се подготвува за аукција со над 1.500 ретки предмети од Дизниленд и Светот на Волт Дизни, кои датираат уште од основањето на тематскиот парк во 1950-тите.
Мајк ван Итн, еден од сопствениците на „Ван Итн“ веригата галерии, изјави дека на наддавањето ќе бидат понудени предмети како што се оригиналниот бизнис-план од 1953 година, што Волт Дизни им го претставил на финансиерите пред отворањето на паркот во јужна Калифорнија во 1955 година, натаму – оригиналната мапа на Дизниленд и други предмети.
На продажбата ќе се најдат и реплики на познати ликови, како што се аниматронски птици, кукли, бронзена статуа на Мики Маус и друго, кои се очекува да достигнат цена од по неколку десетици илјади долари секоја.
За оригиналното возило „Стар џетс“, пак, се очекува да биде продадено за 10.000 до 15.000 долари. Водичот што самиот Волт Дизни го потпишал на денот на отворањето се проценува меѓу 7.000 и 9.000 долари.
Аукцијата под наслов „Историјата на Дизниленд и Светот на Волт Дизни“ ќе биде отворена во Лос Анџелес на 7 декември и ќе трае два дена.