На местото на некогашната резиденција на убиениот долгогодишен либиски лидер Моамер ел Гадафи во квартот Баб-ел-Азизија, урната во текот на судирите во 2011 година, ќе биде изграден забавен парк, најави министерката за туризам на Либија, Икрам Абудлсалам Имам.
На прес-конференција во Триполи таа рече дека почнале работите на расчистување на урнатините во Баб-ел-Азизија, „што беше црна точка во Триполи и причина за загриженост за жителите“.
– Овој простор ќе биде претворен во „зелена зона“ и забавен парк, како место за уживање на либиските семејства, наведе министерката.
Баб-ел-Азизија е руинирана во летото 2011 година, во текот на воздушните напади на силите на НАТО и дополнителниот упад на бунтовниците.
Во август 2012 година премиерот Абделрахим ал Киб соопшти дека постои план на ова место да се изградат библиотека, театар и споменик на мачениците од конфликтот во Либија, но тој не беше реализиран.
Министерката за туризам изјави дека е склучен договор со осум приватни компании за изградба на новиот парк.