Онлајн модниот магазин Fashionel.mk вчеравечер (вторник, 29 април) прослави една успешна година од своето постоење. Во друштво на свои пријатели, соработници, модни експерти, професионалци од македонската модна сцена и вљубеници во модата, Fashionel.mk го заокружи својот прв роденден со симболична забава во клубот Станица 26.
„Пред една година со голем ентузијазам започнавме да ја реализираме идејата за основање на медиумска модна платформа која пред сè паралелно ќе го следи чекорот на развој на македонската модна сцена и ќе ја афирмира преку своите содржини, но истовремено и ќе го пренесе искуството од глобалниот моден свет пред домашната публика. Една година подоцна, Fashionel го профилираше својот идентитет како препознатлив моден онлајн магазин со своја бројна публика и со голем број соработници меѓу кои модни инсајдери како од домашната така и од светската модна сцена“, изјави Марија Мечева, уредник на модниот магазин.
Своите впечатоци околу работењето на порталот во изминатава година ги сподели и Елена Лука која од самиот старт го подржува прогресот на Fashionel.
„За една година тимот на Fashionel направи толку голем напредок што мислам дека други за многу години тоа не можеа да го постигнат. Горда сум многу на овој моден магазин и горда сум на одличниот тим на Fashionel и секако посакувам само успеси и понатаму. Во иднина порталот го гледам во голем развој, зашто сметам дека првата година е најтешка за создавање на самата модна платформа, затоа што практично и тој е единствениот специјализиран моден онлајн медиум каде не е едноставно да се обработуваат теми на едно вакво поднебје за првпат во Македонија, но мислам дека таа бариера веќе е надмината, дека табуата се скршија и дека Fashionel нуди богата и квалитетна содржина што го прави порталот многу интересен и пред сè едукативен“, изјави Елена Лука.
Fashionel.mk третира сѐ она што е во фокусот на модата – секојдневни вести од македонската модна сцена, но и регионалната и светската, интервјуа, стории, едукативни текстови од областа на историја на мода, дизајнерски профили, редовно следење на тековните тенденции, извештаи од модните писти, ревизија на најдобрите модни едиторијали, профили на фотографи, модели, шминкери, стилисти, модни уредници и други професионалци од модата, приказни за негување и дополнување на стајлингот со шминка и фризура, основни лекции за облекување и шопинг, стории за најпознатите модни брендови, а во еден дел посветува внимание на венчалните фустани, свадбените модни додатоци и советите за организирање на вашата свадба.