Креативниот директор на француската модна куќа „Луј Витон“, Марк Џејкобс (50), по 16 години ја напушти оваа компанија, само неколку дена откако беше објавена новата колекција есен-зима, пренесуваат светските медиуми.
Неговиот заменик сè уште не ѝ е познат на јавноста, но се претпоставува дека тоа би можел да биде Николас Гесквајр, дизајнер кој претходно работел за модниот бренд „Баленсијага“.
Американскиот дизајнер ја напушти модната куќа „Луј Витон“ за да се посвети на својата работа и да го подготви влезот на берзата со негов личен моден бренд. Сопствеништвото на неговата модна марка го дели компанијата „ЛВМХ“, Роберт Дафи и самиот Џејкобс.
– Ние правиме она што е добро за Марк и за иднината на компанијата. Желбата на Марк е тој да се издигне на едно ново ниво – изјавил Мајкл Бурк, извршниот директор на „Луј Витон“.