Во снежен новогодишен амбиент Мила Кадриу ја претстави најновата колекција наречена „Crystal ball“ (Кристална кугла), вчеравечер во „City hall“ центарот во Скопје.
Дефилето на моделите од модната агенција „Подиум“ го заврши пејачката Тамара Тодевска која се појави во нетипичен невестински фустан, воедно единствен невестински во новата колекција на Кадриу.
За разлика од досегашните раскошни тоалети и венчаници кои станаа заштитен знак на Кадриу, колекцијата составена од 22 модни креации со потписот на „MCouture by Mila Kadriu“ овој пат ја карактеризираат коктел фустани, палта, комбинезони и панталони за актуелната сезона.
Во рамките на неодамнешниот десетти Моден викенд Скопје, на изложбата на отворено наречена „Арт ограда“ беше поставено пано со една од креациите од „Crystal ball“ за есен/зима 2014/2015 година, како најава за презентација на целата колекција.