Совршена кремаста овошна торта со фин фил од ванила и кори со ореви …
Потребно е:
за корите со ореви:
15 белки
300 гр шеќер
3 кесички ванилин шеќер
3 лажици брашно
240 гр мелени ореви
за кремот од жолчки:
15 жолчки
200 гр шеќер
3 кесички ванилин шеќер
1 кесичка прашок за пудинг со вкус на ванила
200 гр путер, на собна температура
200 мл млеко
и уште:
500 мл слатка павлака
1 компот од вишни
1 компот од праски
100 гр крупно сецкани ореви
Подготовка:
– Изматете ги белките во густ шлаг. Додека матите додавајте го шеќерот малку по малку. Потоа додадете го брашното и мелените ореви и полека измешајте со дрвена лажица или шпатула.
– Дното на калапот за торти со дијаметар од 26 см покријте го хартија за печење. Сипете 1/3 од подготвената смеса и израмнете ја. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 целзиусови степени околу 20 минути. На ист начин испечете уште две кори. Оставете да се изладат.
– Праските од компотот исецкајте ги на мали коцки и оставете ги убаво да се исцедат. Исто така исцедете ги и вишните.
– Преминете на подготовка на кремот. Млекото загрејте го до вриење. Жолчките изматете ги пенесто со шеќерот и прашокот за пудинг. Додадете го врелото млеко и убаво измешајте за да не останат грутки. Смесата вретете ја во садот на рингла и варете го кремот на тивко додека да се згусне.
– Сварениот крем сипете го во еден сад, покријте го со пластична фолија и оставете да се излади. Во изладениот крем додадете го путерот на собна температура и изматете да добиете хомогена смеса.
– Изматете ја слатката павлака во цврст шлаг и додадете неколку лажици од павлаката во кремот. Измешајте.
– На чинија за торта ставете една кора и премачкајте ја со половина од кремот (оставете неколку лажици за декорирање на тортата). Распоредете ги сецканите праски и вишните. Одозгора премачкајте неколку лажици од шлагот. Потоа посипете со половина количина од сецканите ореви.
– Повторете ја истата постапка уште еднаш. На крај ставете ја и третата кора и цела премачкајте ја со кремот кој го тргнавте на страна за декорирање.
– Со остатокот од шлагот и овошјето декорирајте ја тортата.
– Готовата торта ставете ја неколку часа во фрижидер пред да ја послужите.