Колачот е мек, полн со овошје, вкусен, вистинско уживање …
Потребно е:
за тестото:
120 гр путер (или маргарин)
1 лажица шеќер
1/4 лажиче сол
1 жолчка
2 лажици или 30 мл ладна вода
150 гр брашно
за филот:
3 големи јаболки
2 лажици шеќер
50 мл сок од јаболки
50 мл вода
2 лажичиња цимет
прстофат мелено каранфилче
прстофат мелено морско оревче
рендана кора од 1/2 лимон
уште:
2 јаболки
2 лажичиња џем од кајсии
1/2 лимон
1/2 лажиче шеќер
Подготовка:
– Во еден подлабок сад ставете ги омекнатиот маргарин и сите останати состојки. Замесете фино мазно тесто. Тестото завиткајте го во пластична фолија и ставете го половина час во фрижидер за да се стегне малку.
– За тоа време подгответе го филот. Јаболките излупете ги и исецкајте ги на коцкички, полијте ги сокот од јаболки и водата, додадете го шеќерот, изренданата кора од 1/2 лимон и динстајте ги додека не омекнат и не испари вишокот течност.
– Во јаболките додадете цимет, морско оревче и каранфилче. Испасирајте ги со вилушка и оставете ги убаво да се изладат.
– Тестото ставете го на набрашнета маса и развлечете го со дијаметар поголем од тавата во која ќе го печете (24 см).
– Тавата убаво намачкајте ја со путер и ставете го тестото. Направете рабови од тестото. На тестото ставете го изладениот фил од јаболки.
– Останатите јаболки (околу 400 гр) исецкајте ги на тенки листови, исцедете врз нив сок од лимон (за да не потемнат) и наредете ги над филот, од надвор кон внатре, како на сликата. Посипете 1/2 лажиче шеќер над јаболките.
– Вака подготвениот колач ставете го да се пече во загреана рерна на 200 целзиусови степени 10-тина минути, а потоа уште 20 минути на 175 степени, односно додека тестото не порумени.
– Џемот од кајсии со сокот од половина лимон растопете го на рингла (може и во микробранова печка). Со оваа смеса премачкајте го готовиот колач поради поубав сјај.