Само еден богат и анонимен Кинез се пријави за луксузниот одмор од соништата, организран од сајтот VeryFirstTo.com, за кој освен дебел паричник, со милион долари во него, потребно е да одвоите и две години од животот.
Наспроти сомнежите на организаторите дека ќе се појави некој кандидат, богатиот кинески патник се пријави да го обиколи светот. Човекот, чие име се уште не е познато, следната година тргнува на пат што опфаќа 962 места во светот, што се наоѓаат под заштита на УНЕСКО, меѓу кои се древниот град Петра во Јордан, егзотичниот храм Ангкор во Камбоџа и славниот Мачу Пикчу во Перу.
Исто така, богатиот Кинез ќе може да ги посети Оркни во Шкотска и Камените острви во Палау.
Јасно е дека овој човек нема да има време за многу одмор, бидејќи планот на патот налага секој ден од патувањето да мора да посетува повеќе од едно од овие еготични и луксузни места.
Ќе лета со бизнис или прва класа и ќе отседнува во луксузни хотели, каков што „Џорџ V“ во Париз, „Плаза“ во Њујорк, „Циприани“ во Венеција и „Таџ Махал Палас“ во Мумбај.
-Ќе ужива од првиот до последниот ден. Во понудата има дури и ноќно возење со гондола во Венеција со придружба на лични музичари, шампањ од чаши од Мурано стакло, личен готвач, терапија со врели камења, ароматерапија и масажа по Мачу Пикчу, изјавија организаторите.
Не е познато дали мистериозниот патник на оваа тура ќе оди сам, но аранжманот му дозволува да поведе некого со себе.
Исто така, постои можност и италијански сопственик на фабрика да потпише договор за ова патување.
„Одморот“ го организира луксузната туристичка агенција „Hurlingham Travel“.