Соленото езеро Каракул се наоѓа на речиси четири илјади метри надморска височина, сместено меѓу снежните врвови на таџикистанската планина Памир. Тоа е едно од највисоките езера во светот.
Се смета дека езерото настанало по удар на метеорит пред повеќе милиони години, а неговите води претставуваат вистинска оаза среде негостољубивиот и каменит пејсаж на Памир. Во викторијанско време овие предели се сметале за „покривот на светот“.
И покрај неговата убавина ова езеро е во голема мера безживотно, а локалните жители тврдат дека поради големата количина сол и густината на водата, пловењето е речиси невозможно, бидејќи постои голема опасност од превртување на чамците. Поради тоа се дизајнирани посебни чамци со оловен дел на дното.
Каракул е прилично суров, а во негова близина живее мала заедница на Киргизи во село, кое е наречено по езерото. Заедницата опстанува благодарение на номадското сточарство и одлегувањето овци, јакови и кози.
Селаните летата ги поминуваат на високите пасишта, а во зима се враќаат во селото и тогаш температурите се екстремно ниски, а паѓаат и до минус 45 степени Целзиусови.
Езерото е познато по својата променлива боја, која ја рефлектира околината на врвовите и сјае со темнозелена, азурна или светлосина боја, во зависност од светлината. Кога сонцето ќе зајде зад планинските врвови, езерото длабоко и до 238 метри станува темно како ноќта, поради што често се нарекува и „црно езеро“.