Во рамки на „Охридско лето“ синоќа во изложбениот простор на Центарот за култура „Глигор Прличев“ беше отворена изложба на дизајнерски парчиња на мебел на младиот дизајнер Кирче Стојоски.
На изложбата насловена како „Дизајнерска игра со традицијата” публиката имаше можност да погледне продукт дизајн и дизајн на мебел кој едновремено е традиционален и иновативен.
Според Стојоски, креирањето на ваквите продукти можеби повторно ќе го поттикне изучувањето на традиционалните занаети кои се во изумирање, а ја докажале својата вредност низ времето.
– Концептот е да се престави и традицијата и иновацијата. Направивме обид да ги обединиме занаетите со модерен дизајн. Сегашноста и минатото се ставени во дијалог меѓу себе што резултира со изненадувачка приказна и уникатен дизајн, продукти со душа и со приказни кои пренесуваат и предизвикуваат љубов и внимание. Ова е обид на дизајнот преку игра со минатото и со користење на традицијата со ново значење во формата и функцијата, повторно да ги истакнеме нашите културни вредности од минатото, но и од сегашноста, истакна Стојоски.
Изложбата “Дизајнерска игра со традицијата” се реализираше со поддршка на Министерството за култура.
Стојоски дипломирал на Факултетот за арт и дизајн, отсек дизајн на ентериери. Досега има реализирано три самостојни изложби и има учествувано на повеќе групни изложби и работилници како Охридско Лето 2012 и 2014 година, Скопје Design Week, Sofia Design Week, Dan D во Хрватска, Mikser во Србија и др.