Танјуг – Белград
Во главниот град на Австрија, Виена, сè уште има многу улици што носат имиња на познати личности кои имале врска со нацистите и неславната историја на Австрија за време на Третиот рајх.
На почетокот на 2013 година е претставена сеопфатна студија „Имињата на улиците во Виена, како места за политичко сеќавање“.
Под раководство на историчарот Оливер Ратколб, една комисија спровела двегодишно истражување и пронашла 159 спорни имиња на улици, односно улици што носеле име на антисемити или лица блиски на нацистите.
Така, на пример, Паула Весели, по која се вика една улица во 19 виенски округ, учествувала во нацистичкиот пропаганден филм „Повратници“, а познатиот диригент Херберт фон Карајан, чие име го носи плоштад во центарот на Виена, бил член на НСДАП.
Оперскиот пејач Јозеф фон Мандовара, кој има „своја“ улица во 23 округ, бил чест гостин кај нацистичкиот лидер Адолф Хитлер и неговата десна рака Херман Геринг.
Композиторот Ханс Пфицнер, по кого се викаат една улица и мост во 23 округ, е познат по намалување на нацистичките злосторства.
И во 2000-тите години виенските власти давале имиња на улици по поранешни нацисти, како што плоштадот „Карлплац“ го добил името по нацистичкиот геолог Еберхард Карл.
Градските власти се спротивставија на промена на имињата на улиците, пред сè на Карл Лигер Ринг, и тогашниот надлежен член на Владата на Виена, Андреас Маилат Покорни, одлучи да се постави дополнителна табла на која би се објаснило негативно минато на лицето чие име го носи улицата.
Меѓутоа, од презентацијата на извештајот, а поминаа шест години, иницирано е поставување на 28 дополнителни табли, од кои 14 се веќе монтирани, а останатите ќе бидат поставени до почетокот на летово.
Проблемот е што дополнителната табла се поставува само на една страна на улицата и тоа само на едно место, а покрај тоа објаснувањата под имињата на улиците што носат име на неспорни личности многу се покуси од оние на антисемитите и нацистите.
Така во улицата Поршештрасе може да се прочита дека Фердинанд Порше, таткото на Фолксваген и Порше, со своите изуми влијаел врз развојот на автомобилите, но и дека е проблематично неговото членство во НСДАП и СС, и користење на трудот на присилни работници, но и работењето за индустријата за вооружување на Третиот рајх.