Родена во Лондон во 1921 година, Дора Хорсфол преживеала сиромаштија и Втора светска војна, работела во тајна фабрика за авиони, а и денес практикува секојдневна навика за која нејзината внука тврди дека ја одржува во одлична форма.
Секој ден, Дора одвојува време за кратка попладневна дремка.
Нејзината внука, Менди Чизман, е убедена дека тајната на виталноста и одличниот изглед на нејзината баба во длабока старост се крие токму во оваа љубов кон одморот.
„Верувам дека токму затоа таа сè уште изгледа толку добро. Таа дремнува секое попладне, уште од времето кога бевме мали девојчиња. Би сакала еден ден да бидам барем половина толку елегантна дама како неа. Таа е многу духовита и има навистина заразна смеа“, вели Менди за својата баба.
Дора е родена во Лондон на 2 ноември 1921 година. Таа била сведок не само на ужасите на Втората светска војна, туку и на сите големи политички, општествени и технолошки промени што следеле потоа. Нејзиното детство не било лесно – откако татко ѝ го напуштил семејството оставајќи ги во сиромаштија, Дора и нејзиниот брат Џек биле испратени во интернат за деца од ранливи семејства.
На 13-годишна возраст се преселила во Солсбери, а кога станала полнолетна, се вратила во родниот Лондон, каде што ја запознала љубовта на својот живот, Реџ. Тие се венчале во 1941 година и добиле две ќерки, Пет и Бети.
За време на воените години, Дора најпрво работела како кондуктерка во автобус, а потоа се вработила во тајна фабрика каде што се склопувале познатите борбени авиони „Спитфајр“ (Spitfire). Откако поминале 45 години во Солсбери, парот одлучил пензионерските денови да ги помине на сончевиот југ на Шпанија.
По смртта на Реџ, Дора се вратила во Велика Британија, а од 2022 година живее во дом за стари лица во Чипенхам.
Прославата на нејзиниот 105-ти роденден беше посебна: атмосферата ја разубави виолинистката Сју Лорд, изведувајќи го познатиот воен хит „It’s a Long Way to Tipperary“. На масата беа неизбежниот чај и тортата со јагоди и ванила, а на нејзина адреса пристигна и официјално писмо од кралот Чарлс III и кралицата Камила.
Иако во текот на повеќе од еден век била сведок на појавата на телевизијата, интернетот и вселенските летови, Дора без двоумење издвојува еден сосема неочекуван изум како најдобар во нејзиниот живот – ластикот.
„Порано, долната облека знаеше толку многу да се лизне, што моравте тајно и брзо да ја соблечете и да ја ставите во чантата“, се присетува со смеа оваа витална Британка.
Денес, Дора е горда баба на седум внуци, девет правнуци, па дури и четири чукунвнуци. На крајот, таа споделува една едноставна, но моќна животна филозофија што ја води низ животот:
„Некои од нас живеат кратко, некои живеат долго. Но, единственото нешто што е важно е што правиме во текот на времето што ни е дадено!“
