Американската рок група „Иглс оф Дед Метал“ синоќа во париската „Олимпија“ го заврши концертот започнат и прекинат во трагичната ноќ на 13 ноември во „Батаклан“ за време на терористичките напади во Париз.
Концеротот на кој ќе се сеќава историјата, како што јави дописникот на МИА од Париз, беше замислен како два часа музика со цел да се истера стравот и болката.
Терористичкиот напад од 13 ноември во „Батаклан“ не ја жигоса само Франција, туку и целиот свет на музиката, бидејќи 90 фанови на рокенрол музиката загинаа под рафалите на терористите.
Три месеци по вараварскиот чин, американската група одржа нов концерт во „Олимпија“ за преживеаните и блиските на жртвите.
Вокалистот на бендот Џеси Хјуз изјави дека отсега тој е „Французин за секогаш“.
Според него, за да се продолжи да се живее, за да не им се даде право на терористите, требало повторно да се качат на сцената и да ги повикаат своите обожаватели да дојдат повтроно во концертните сали.
„Иглс оф Дед Метал“ со синоќешниот концерт ја продолжија прекинатата турнеја од минатата есен, но сега со друго име „Nos Amis Tour“, на француски јазик, што во превод значи „Турнеја Наши Пријатели“.
Синоќешниот коцерт започна со францѕската песна на Жак Дитрон „Il est cinq heures. Paris s’éveille“ (Пет часот е. Париз се буди), по што следуваа два часа на незаборавен концерт.