Менаџерот на најпознатиот српски музички фестивал „Егзит“ денеска поднесе оставка и предупреди дека во иднина фестивалот може да не биде одржан, бидејќи неговото финансирање не е предвидено во предлог буџетот за 2013 година. Бојан Бошковиќ денеска изјави дека фестивалот најверојатно нема да може да опстане без финансиска помош од државата. Тој, исто така, наглади дека општинските власти во Нови Сад, каде се одржува фестивалот, се против музичкиот настан поради неговиот прозападен карактер, јави Танјуг.
„Создадовме нешто во Србија за што зборува целиот свет. Донесовме повеќе туристи од тоа што некој може да замисли, истакна поранешниот менаџер. Според Бошковиќ „Егзит“ го поправи имиџот на „Србија“, а сега никој не разговара со организаторите за тоа што ќе се случи со фестивалот ако бидат прекинати средствата за него.
Портпаролот на „Егзит“ Милош Игњатовиќ изјави дека организаторите се уште немаат добиено официјална потврда од Владата за прекин на финансирањето за 2013 година. Градоначалникот на Нови Сад Милош Вучевиќ денеска изјави дека градот го поддржува фестивалот, но инсистира за потранспарентни односи.
Фестивалот „Егзит“ се организира секоја година во јули на Петроварадинската тврдина во Нови Сад и привлекува околу 2 милиони посетители.