Модата по бради во изминатите десет години од двете страни на Алтантикот го отсликува претходното лудило по влакна на лицето, кое започна за време на Кримската војна, траеше три децении и беше сосема исфрлено по измислувањето на еднократен брич на почетокот на 20-иот век, пишува Лусинда Хоксли.
Во средината на 19-иот век, мажите низ Северна Америка и Европа почнаа да прават нешто што повеќето од нив никогаш порано не го правеле. Тие ги напуштија берберите, оставија патентираните безбедни бричеви да рѓосуваат по полиците во бањите, и почнаа да растат коса на лицето.
Тие не само што негуваат убаво потстрижени и средени мустаци кои се сметаат за прифатливи, туку негуваа и огромни мустаци кои беа поврзани со огромни бушави бради и оставаа само онолку малку место меѓу нив и постојано растечките мустаци за да му дозволат на сопственикот да може да јаде и зборува.
Во Британија, враќањето на брадите (израснати бради не биле во мода уште од времето на Тудорите) беше благодарение на Кримската војјна од 1854 до 1856 година. Се дотогаш, брадите биле забранети во британската војска, но смрзнувачките температури на кримските зими и неможноста да се дојде со сапун за бричење, доведе до неопходни промени.
Во време кога последните војници се враќале дома, брадата станала симбол за херои. Мажите кои никогаш не учествувале во воена акција почнале да растат бради. По неколку години, било речиси невозможно да се види избричено лице во викторијанска Британија – освен во Бакингемската палата, затоа што принцот Алберт одбивал да и се покори на модата.
Во Америка, враќањето на брадите започнало отприлика во исто време. Ова било делумно засилено од модните фотографии од британските списанија, кои веќе биле нашироко читани во Америка во врска со последните модни трендови во европската мода. Но, многу американски мажи исто решиле да престанат да се бричат од практични причини. Иако таканаречениот безбеден брич постоел некаде околу 1770-та, тие биле тешки за користење, а често и опасни. Дури и оние мажи кои ја усовршиле вештината на бричењето биле под ризик ако нивните бричеви не биле беспрекорно чисти. Една таква жртва бил и Џон Торо, брат на писателот Хенри Дејвид Торо, кој се исекол додека се бричел и починал од тетанус во рацете на брат му.
Во 1861 година, нов збор почнал да се користи во Британија, по претставата „Нашиот американски роднина“ од Том Тејлор, која ја имала својата лондонска премиера (претсавата која ја гледал и Абрахам Линколн кога бил убиен во атентат во Вашингтон четири годии подоцна). Еден од карактерите, Лорд Дандрири, бил комичен лик со огромни мустаци. Тие брзо станале познати како „дандрири“, термин кој се користел и во Британија и во Америка. Но во Англија тие исто биле познати и како „плачковците од Пикадили“ затоа што мустаците ги носеле контињата кои можеле да се видат околу плоштадот Пикадили во Лондон.
За време на Граѓанската војна во Америка од 1861 до 1865, бил смислен зборот „сајдбрнс“. Тоа било во чест на мајор-генералот Емброуз Бурнсајд, чии густи мустаци биле поврзани со бекенбардите и создавале впечатлива густа и совршена линија од коса преку целото негово лице.
Терминот „овчи котлети“ (зулуфи) исто влегол во речникот, преку кој се објаснувале бекембарди кои биле тенки на врвот и густи на дното, и биле бричени за да личат на одрезок од месо.
Во 1842, Чарлс Дикенс првпат отпатувал во Северна Америка и го запознале со многу колеги писатели, меѓу кои и со Едгар Алан По, со кого останал да се допишува. Можеби е случајност, но и По и Дикенс почнале експерименти со коса на лицето речиси во исто време – прво со мустаци без брада. Во 1844 година, Дикенс му напишал на неговиот пријател Даниел Маклис за неговата нова страст. „Мустаците се величенствени, ве-ли-чен-ст-ве-ни! Кусо ги бричам, а потоа ги тримарам малку на краевите за да ја обликувам формата. Шармантни се, шармантни. Без нив животот би бил празен“. По ги израснал своите прочуени мустаци во 1845, четири години пред неговата предвремена смрт.
На Дикенс му требале 25 години пак да ја посети Америка – воглавно заради бесот околу неговиот неласкав портрет на земјата во „Мартин Чазлуит“ и „Американски белешки“. Во времето кога се вратил, во зимата 1867-1868, тој веќе бил глобална суперзвезда и се во врска со него било забележано и овековечено. Неговата брада, која веќе била позната, била овековечена во сета нејзина слава од фотографот Џорџ Гарднер Роквуд во Њујорк – тогаш студиските фотографи често фотографирале познати личности бесплатно, а за возврат добивале дозвола да продаваат копии од фотографиите на обожаватели. Фотографиите на Дикенс биле многу популарни, а стилот на неговата коса на лицето поттикнала имитатори низ целиот свет, кои го копирале она што станало познато како „брадата на разбивачот на врати“.
До крајот на 1880-ите, модерните мажи во Лондон им се вратиле на берберите за секојдневно бричење. Брадите и густите мустаци тогаш се сметале за домен на конзервативците, на постарите генерации. Во САД и во Британија, праксата да се биде без влакна на лицето станала полесна и поевтина благодарение на американскиот иноватор Кинг Кемп Жилет. Во 1895 година, тој дошол на идеја за првиот жилет за еднократна употреба. Му требале шест години – и многу маки – за да го усоврши својот изум, но во 1901 успеал да убеди други мажи да ги пробаат. Жилетот за една употреба бил сензација и патентот му бил одобрен во 1904 година. Едноставниот изум на Жилет изроди мултимилионска индустрија за компанијата која се уште го носи неговото име. Тоа исто се совпаѓа со се поголемото научно разбирање за постоењето и ширењето на бактериите.
Брадите станале мета на лекарите, и луѓето насекаде зборувале за потенцијалниот ризик дека брадите кои се носат на работни места, се практично легла на болести. Во 1902 година, еден њујоршки млекар бил избркан од работа затоа што носел брада. Забележано е што рекол д-р Парк од Советот за здравје: „Постои голема опасност за млекото ако млекарот носи брада… Брадата, практично кога ќе се намокри, може да стане совршено легло за бактерии“.
Модата за бради, бекенбарди и зашилени мустаци сериозно опаднала во поголемиот дел од 20-иот век, можеби и затоа што и во двете светски војни, затворачите на гас маските можеле да функционираат само на лице без влакна. Но еден погонофил (страстен вљубеник во бради) израснал брада која денешните хипстери можат само да ја сонуваат. Негово име било Ханс Лангсет, Норвежанец кој емигрирал во Ајова и кој израснал брада за која се смета дека е најдолгата на светот.
Иако Лангсет починал во 1927 година, тој повторно се вратил во вестите кога музејот Смитсонијан ја добил неговата брада – сите 5,3 метри. Но оние кои се предизвикани да го следат примерот на Лангсет можеби треба да ја слушнат и да се чуваат од судбината на уште еден брадосан Ханс. Во 1567 година, голем пожар избил во австрискиот гад Браунау. Градоначелник на местото бил Ханс Стејнгер, чија брада била толку дога што ја носел замотана околу појасот. За несреќа, ноќта кога избил пожарот, тој или не се сетил да ја замота брадата околу него или можеби и бил испаничен. Загинал со скршен врат откако се препнал од неговата брада додека бегал од огнот.
Рам Синг Чаухан од Индија е горд сопственик на најдолгите мустаци на светот, кои се официјално влезени во Гинисовиот рекорд и се долги 4,29 метри.
Би-Би-Си – Лондон