Гламурозната дизајнерска облека во авионите не е нешто што се гледа само во филмовите и на фотографиите на познатите личности, таа е навистина присутна кај патничките, кои летаат со Бритиш Ервејс.
„Удобност пред се“ е мотото на повеќето патници во авионите, кои на кусите и долгите летови избират пред се полесна и поудобна облека, а при тоа сепак посветуваат внимание на својот стил. Ова се резултатите од големото истражување, кое го спроведе Бритиш ервејс меѓу своите патници од Франција, Германија, Русија, Турција и Хрватска.
Облекувањето за патување со авион може да биде вистинска мала авантура, доколку се земе предвид дека треба да се води сметка за темературните разлики, траењето на патувањето, детекторите на метали и соблекувањето на чевлите на контролните точки.
Деведесет и седум отсто од патниците со авион се облекуваат исклучиво за да се чувствувата удобно, така што најчесто ќе ги забележите во удобни блузи и фармерки.
Сепак гламурозната дизајнерска облека не е целосно исклучена кај патниците, а најмногу ја носат Германките (12 отсто).
Хрватските патнички, пак, се први во носењето на високи потпетици, дури 22 отсто од нив изјавиле дека носат вакви чевли за време на летот.
Дваесет и еден процент од мажите во Русија за патувањата бираат деловен изглед и облекуваат одела со вратоврска со цел да привлечат внимание и да ги импресионираат другите.
Интересен е фактот и дека повеќето патници се одлучуваат и за модни додатоци за време на патувањето. Четириесет отсто од Турците најмногу сакаат да носат шешири, 47 проценти од Французите носат шалови, а 32 отсто од Русите марами. Задолжителен додаток за 31 отсто од сите испитаници, кои учествувале во истражувањето се очилата за сонце.