Резултатите на анкетата на агенцијата „Прототурисм“ покажаа дека во јули и август годинава на годишен одмор ќе заминат 900.000 Французи помалку отколку во истиот период лани.
Како што јави агенцијата Анадолија, недостигот на финансиски средства во домашниот буџет се наведува како главна причина за одлуката на се поголем број Французи ова лето да не одат на годишен одмор.
Во анкетата се наведува дека во туристичките агенции до 15 јули се забележени четири отсто помалку резервации за годишните одмори, отколку во 2012 година, и шест отсто помалку отколку во 2011 година.
Резултатите на анкетата покажуваат дека ваквиот тренд ќе продолжи и во август годинава и се очекуваат околу три отсто помалку резервации за туристичките патувања, отколку во 2012 година, односно 3,5 отсто помалку отколку во 2011 година.
Според наводите на одделни аналитичари, една од причините за намалениот број туристички резервации во првата половина на јули се и неповолните временски услови.