Шпанија ќе ги смени САД како втората најпопуларна туристичка дестинација во светот, додека Франција го задржува првото место, покажуваат податоците на Светската туристичка организација при ОН (UNWTO).
Според извештајот на организацијата, вкупниот број на меѓународни туристички посети во светски рамки, минатата година се зголемил за 7 отсто односно на 1,3 милијарди. Се очекува овој интензитет да продолжи и во 2018-та година, со стапка на раст од 4 до 5 проценти. Сепак, конечните бројки нема да бидат објавени до пролет.
Во 2016-та година во САД и Шпанија пристигнале околу 76 милиони странски посетители, но минатата недела шпанскиот премиер, Мариано Рахој, рече дека земјата забележала рекордни 82 милиони посетители во 2017-та, што претставува зголемување од 8 отсто во споредба со претходната година.
Во прелиминарната анализа на податоците за туризмот во 2017 година, UNWTO наведува: „Највеќе поттикнат од медитеранските дестинации со пристап до море, туризмот во Европа бележи извонредни резултати“.
Минатата година, Европа забележа пораст од 8 отсто во меѓународните посети, исто како и Африка, додека пак регионите во Азија и Пацификот имаа пораст од 6 проценти, Блискиот Исток 5 и Америка 3 отсто.