Vanity е новата авторска колекција во лимитирана верзија со моќен визуелен израз, од дизајнерот Ивана Кнез, под потписот на Драма Студио.
Колекцијата е наменета за смели жени, со силен карактерен израз, специфичен стил и бестрашност во духот. Модните парчиња ја истакнуваат индивидуалноста на жената, со тоа што жената ги надвладува и доаѓа до израз нејзината внатрешна моќ.
„Vanity е плод на подолго истражување во врска со вечната потрага по фонтаната на младоста, како и подготвеноста на луѓето да направат се само да ја задржат младоста. До каде оди човечката суета и површност за зачувување и инвестирање во убавината, кои се општествените мерила за истата и како со текот на времето критериумите за убавината се поместени и побарувањата за вештачки наметната убавина се со поголем интензитет. Затоа целата колекција изобилува со експресивен израз и има наметната тежина која во суштина ја носи секој од нас на специфичен начин“, вели дизајнерката Кнез за својата колекција и инспирацијата.
Симбол на колекцијата е црната орхидеја која е рачно изработена во неколку верзии за потребите на моделите, а боите се во духот на мистиката, црна, темно виолетова и темни неутрални верзии. Во изработката на моделите Кнез користи свила, тул, сатен, еко кожа, свилено жерсе. Дизајнерот свој автентичен потпис на колекција остава и преку уште еден експериментален технички пристап кон изработката, карактеристично за сите колекции од Драма Студио.
Модели овој пат се Ренната и Александра Пешевска, фризурата е на Урбан Артист Милена Цапов, шминка Сара Бауернфајнд, а фотограф на Vanity е Жарко Чулиќ. Со цел комплетирање на целосниот стајлинг, Драма Студио со оваа колекција започнува соработка со Бата Македонија.