Норвежаните се надеваат дека ќе соберат 20.000 евра за враќање на карпата во облик на пенис во ерекција на нејзиното старо место.
Карпата е срушена минатата сабота, за што се верува дека е последица од намерен вандалски чин.
Оштетената карпа, позната како „Тролпикен” (тролов пенис), која се наоѓа во норвешкиот регион Ејгерсунд, ја нашле џогери во неделата наутро. Таа популарна туристичка атракција е одвоена од поголема карпеста формација од која се истакнувала.
Експертите кои ја посетиле, истакнуваат дека постојат траги на бушење во карпата.
Откако се појавила информација за тој настан, на интернет е лансирана кампања за соберање пари за реставрација на „Тролпикен“ на местото на кое со години гордо стоела.
На неа, за кратко време се јавиле околу 700 луѓе, па брзо биле собрани 115.000 норвешки круни (12.160 евра) од вкупно 200.000 круни колку што е потребно фалусоидната камена формација повторно да се најде на своето старо место.
Експертот на УНЕСКО, геологот Пал Тјомое за норвешките медиуми изјави дека карпата „Тролпикен” била срушена со едноставен чист „рез”, па затоа не би требало да има поголеми проблеми да се врати на своето место. Тој процени дека, кога ќе се соберат средства, работите не треба да потраат подолго од две недели.
Норвешката полиција ги бара вандалите кои ја оштетија познатата туристичка атракција.
Кога ќе бидат фатени, ги очекува можна казна затвор до една година за кривично дело вандализам направено против животната средина.