Една од последните резиденции во Њујорк од „Златното време“ во Америка, со огромна историја се најде на продажба за 50 милиони долари. Недвижнината ја огласи агенцијата Даглас Елиман.
Градската куќа на Петта авенија со број 854 на Upper East Side во Менхетн изградена е во 1905-та година, а ја проектирала истата фирма која ја изградила и познатата станица Grand Central. Има 32 соби, осум бањи и два лифта, пишува Дејли Мејл.
Додека била во сопственост на фамилијата Вандербилт, во неа ништо не се менувало, додека сопственик не станала поранешната СФРЈ која ја купила во 1946 година, веднаш по Втората Светска Војна.
Во пентхаусот со површина од 1.800 квадратни метри, прозорите кои се свртени кон Централ Парк се вградени стакла отпорни на куршуми, а последниот спрат е осигуран со кафез Faraday и не може да се прислушкува.
Во текот на студената војна, југословенскиот лидер Јосип Броз Тито се „скрил“ на оваа адреса, по неуспешниот обид за атентат во хотелот Валдорф Асторија во 1963 година, кога бил во посета на Америка, на повик на Џон Кенеди, вели Тристан Харпер од агенцијата Даглас Елиман.
Зградата е изградена во 1905 година за боксерот од Њујорк, Роберт Ливингстон Бекам, кој подоцна станал гувернер на Роад Ајленд, за 60 илјади долари.
Скалите и подовите се обложени со бел мермер, а таваните се посебно украсени.
На ѕидовите се наоѓаат мурали. Оградите на скалите се изградени од ковано железо, а дрвените рамки наводно се донесени од Франција и потекнуваат од некој ограбен дворец.
Зградата се градела во време на американското Златно време, кога се создавале многу американски династии, па своите домови ги граделе така да личат на француски дворци.
Емили Торн Вандербилт Слоан Вајт, внуката на Корнелијус Вандербилт кој своето богатство го создал на основа на железницата и бродарството, и нејзиниот сопруг Хенри Вајт се вселиле во резиденцијата откако ја откупиле за 450 илјади долари во 1925 година.
Емили ја украсила резиденцијата со уште повеќе екстравагантни детали. По нејзината смрт во 1946 година, Република Југославија ја купила оваа недвижнина за 300 илјади долари, благодарејќи на големиот пад на цената на пазарот.
Била користена како амбасада на СФРЈ. Во 1961 Тито овде бил домаќин на официјални претставници на Египет, Гана, Индија и Индонезија, овде се создавале плановите за основање на Движењето на неврзаните. Во 1975 во основата на скалите е поставена бомба што го оштетила првиот спрат на зградата и ги искршила прозорите, пренесува Дејли Мејл.
Две години подоцна, тројца вооружени хрватски националисти упаднале во зградата и пукале во едно лице во стомак.
Денеска имотот е се уште во сопственост на петте поранешни југословенски држави, кои се правни наследници на поранешната држава, а за нивниот удел се одлучувало во Обединетите нации. Србија поседува најголем износ.
БиХ, Хрватска, Македонија, Србија и Словенија имаат 50 недвижнини ширум светот кои имаат намера да ги продадат, но само четири, вклучувајќи ја оваа на Петтата авенија, се во моментот на продажба.
Иако милијардерот Џошуа Харис им понудил 50 милиони долари, државите сепак не можеле да се одлучат да ја продадат. Овој богаташ подоцна купи вила на друга локација.