Подготовките за единаесетотто издание на Моден викенд Скопје кое ќе се одржи од 1-ви до 5-ти април, традиционално започнаа со фотосесија за имиџот на сезоната пред објективите на тандемот „Ани и Дими“.
Моден викенд Скопје за пролет/лето 2015 ќе води во минималистички, мирен и топол моден свет бидејќи во екстремно динамично и технолошки- напредното време во кое живееме честопати забораваме да здивнеме, да направиме пауза, да застанеме и да уживаме во моментите. Во новиот имиџ преовладуваат топли и релаксирани бои кои даваат приземност во модното изразување.
Заштитни лица на новата сезона се Вања Трампевски и Ивана Дуковска од модната агенција „Подиум“.
„Предстојните пролет/лето ќе бидат во знакот на сосема природен изглед на лицето, топли нијанси на сенки, палета од песочни тонови и бронзен тен на телото. Потенцираните трепки и силната шминка во наредните месеци ќе бидат апсолутен аут“, вели мејкап артистот Зоран Шурбевски кој се погрижи за шминката на заштитните лица.
Тимот од „Бубе Студио Ин“ кој во соработка со Lakme ги направи фризурите , за новата сезона советува брановиден изглед, благо прекршена коса и неформален природен изглед.
„Во однос на боите кои ќе бидат актуелни модните амплитуди ќе движат од медовата, преку лешник и карамела нијансите па се до огнено портокаловата боја.“, вели познатиот стилист Бубе.
Фотографиите од бекстејџ атмосферата ги направи Марина Трајковска а за стајлингот се погрижи Виктор Цветановски во соработка со Фешн Груп Македонија.