Месецот на дизајн е настан што се одржува во Љубљана повеќе од 10 години и прави вистински пресек на дизајнот од југоисточна Европа, чии земји се во фокус во рамките на изложбата Брендови и Знаци (Brands and Signs). Лудус како македонска модна етикета што својата работа ја насочи кон странскиот пазар од самиот почеток веќе втора година учествува на оваа изложба заедно со над 100 дизајнери и брендови од регионот.
Покрај оваа изложба, на покана од модните куратори на Месецот на дизајн, Лудус беше дел од второто издание на интернационалниот моден проект Идентитет. Овој проект се случува по втор пат и обединува дваестина дизајнери кои имаат концептуален пристап кон модата. Како задача дизајнерите имаа единствен моден крој што треба да го интерпретирaат на темата идентитет со сопствен моден јазик. Изложбата се отвори и оваа година со модна инсталација во живо, што налик на експериментална модна ревија ја одушеви словенечката и интернационалната публика како и модната критика.
Моделот со кој се претстави Лудус беше своевиден експеримент што не е толку далечен од вообичаената досегашна работа на оваа модна етикета. Изработен во три сосема различни, навидум неспоиви материјали како свила, велур и кожа, фустанот ја разработува темата на личниот и националниот идентитет.
Заедно со моделите на Адам Џонс (Велика Британија), Ана Љубинковиќ (Србија), Аса Казинглеи (Индија), Емре Тамер (Турција-Австрија), Љиљана Мајкиќ (Босна и Херцеговина), Халина Мрозек (Полска), Мариус Јанусаускас (Белгија), Cliché (Словенија), Je suis belle (Унгарија), Divka (Јапонија), Little Shilpa (Индија), Wisharawish (Тајланд), Давид Бакали (Словенија), Chisung IHN (Јапонија), Асад Авад (Шпанија), Мартинез Лиер (Франција) и Тојак Д’Oра (Монако) моделот на Лудус од Македонија останува во изложбената поставка ”Идентитет” на Месецот на дизајн, лоциран на улица Дунајска 123 во Љубљана до 6. ноември.