Шестиот Фестивал на фигури од овошје и зеленчук „Сочни фигури“, денеска традиционално се одржа во ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ – Скопје. Учествуваа ученици од 22 основни училишта од земјава, кои изработуваа фигури или композиција од фигури од овошје и зеленчук.
Основната цел на фестивалот, како што вели организаторот Slow Food „Св. Наум Охридски“ од Скопје, е преку забава и работа, учениците – учесници меѓусебно да се запознаваат и дружат, како и да се надминат сите видови различитости (етнички, верски, интелектуални).
Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски кој присуствуваше на фестивалот, посочи дека овој настан е пред се благодорен и ја покажува големината, квалитетот и потенцијалот кој го имаат учениците со посебни потреби.
Но од друга страна, како што додаде, на овој настан се гледа и исклучителната хуманост која ја покажуваат учениците од над 20 основни училишта од Македонија кои изработуваат фигури од овошје и зеленчук заедно со учениците од посебното училиште „Св. Наум Охридски“.
– Со изработката на фигурите од овошје и зеленчук учениците ја покажаа својата креативност. Ова е многу значајно пред се за инклузијата на учениците со посебни потреби во секојдневното функционирање во делот на креативноста и развојот на нивниот капацитет, рече Ристовски.
Според заменик министерот за образование, само на ваков начин – со директен ангажман може да им се помогне на децата на кои им е потребна дополнителна поддршка, пред се во делот на образованието.
Прифаќањето на децата со посебни образовни потреби од општата популација, како што вели организаторот, е движечката сила на самиот проект „Здрави навики преку здрава храна“, преку кој, пак, учениците се едуцираат за здравата храна, како и за хигиената и културата при исхраната.
На манифестацијата учествуваа Ристо Самарџиев, Маја Вукичевиќ, Риплеј, Иве и Кики, Војче Китановски, Адријана Алачки, Никола и Марк од Брза кујна и сликарот Живко Поповски – Цветин.
На крајот на фестивалот на најуспешните екипи ќе им беа доделени награди и пофалници.