„Фејсбук“ и официјално се извини што го преведе името на кинескиот претседател Си Џинпинг како „Господин Серко“ (на англиски: Mr. Shithole) за време на неговата посета во Мјанмар неделава. Од компанијата изјавија дека инцидентот настанал како последица на „технички проблеми“ кои предизвикале погрешен превод од бурмански на англиски.
Грешката е откриена на вториот ден од официјалната посета на Си на Мјанмар.
Оваа техничка грешка предизвикала прилично чудна и незгодна ситуација за сите присутни на средбата. Претседателот се сретнал со државниот секретар за да се потпишат разни инфраструктурни договори поддржани од Кина. Постот за посетата бил објавен на официјалната Фејсбук страна на државниот секретар, а кога ќе се преведел текстот на англиски, името на кинескиот претседател го пишувало како „Господин Серко“.
Дополнително, како што јавува „Ројтерс“, насловот на еден локален веб-портал на англиски гласел „Вечерата го пречека претседателот Серко“.
Од „Фејсбук“ изјавиле дека техничката грешка е поправена. Од „Ројтерс“ тврдат дека истата грешка не се појавувала и на преведувачот на „Гугл“.
„Ова не требаше да се случи и преземаме чекори за да се осигураме дека нема да се случи повторно. Искрено се извинуваме за навредата што беше предизвикана“, се вели во официјалната изјава на „Фејсбук“ до „Ројтерс“.