Воодушевен од убавината на Фарските острови, од оваа прекрасна туристичка дестинација, фотографот Конор Мекнил направи фотографии кои Ве остават без здив.
Доколку спаѓате во оние луѓе кои природата, мирот и тишината ги ценат многу повеќе од градските турканици и ноќниот провод, Фарските острови се идеалното место на кое можете да го минете својот одмор.
Овој драгоцен камен, сместен во Атлантскиот Океан, меѓу Исланд, Велика Британија и Норвешка, а кој и припаѓа на Данска, е населен со популација од само 50.000 луѓе.
Најинтересната гледка секако се многу малите населби, составени од живописни нордиски куќички, фјордови и океанот.
Едно од најголемите езера е Сорвагсватн, а неговата највпечатлива карактеристика е што се наоѓа на врвот на гребенот што го надвиснува морето.
Најпиторесно е селото Гасалдур, во кое живеат 18 лица. Додека на една страна е обиколено со планини, на другата може да се види водопадот што паѓа во океанот.
Доколку повеќе Ви одговара активниот одмор на располагање Ви стојат нуркање, сурфање и риболов.