„Етихад Ервејс“, националниот авиопревозник на Обединетите Арапски Емирати, вчера најави големо проширување на својот „кодшер“ договор со „Џет Ервејс“, нудејќи им на патниците уште подобра поврзаност со цела Индија и поврзувајќи ја оваа земја со уште повеќе дестинации ширум светот.
Овие две авиокомпании добија дозвола од регулаторните тела да склучат договор за заеднички летови на 43 дополнителни линии, со што вкупниот број летови во рамки на нивниот „кодшер“ договор сега изнесува 71, соопштија од „Етихад Ервејс“.
Како дел од оваа проширена соработка, „Етихад Ервејс“ првпат го стави својот „ЕС“ код на домашните линии во Индија, а кодшер договорот сега вклучува 31 линија на „Џет Ервејс“ со главните јазли Мумбај, Њу Делхи, Ченај и Бангалор кон регионалните центри во Ахмедабад, Амритсар, Гоа, Хајдерабад, Џаипур, Кочи, Колката, Лукнова, Мангалор, Патна, Тривандрум и Вадодари.
Овој кодшер договор дополнително вклучува и меѓународни конекции на „Џет Ервејс“ од Мумбај и Њу Делхи кон азиските туристички и стопански центри: Сингапур, Хонг Конг и Бангкок, како и линиите што Ченај го поврзуваат со Абу Даби и Сингапур.
Покрај тоа, „Џет Ервејс“ ја засили понудата кон САД и Европа како кодшер партнер на дополнителните летови на „Етихад Ервејс“ на линиите меѓу Абу Даби и Чикаго, Њујорк, Даблин и Милано.
Претседателот и генерален директор на „Етихад Ервејс“, Џејмс Хоган, по тој повод изјави дека кодшер договорот овозможува повеќекратни олеснувања за патниците, како што е проширување на мрежата, поголем број летови и подобра можност за поврзани летови.
Пред ова проширување, „Етихад Ервејс“ беше кодшер партнер на седум линии на „Џет Ервејс“, со договор со кој се покриваат летовите меѓу Абу Даби и Мумбај, Њу Делхи, Кочин, Бангалор и Хајдерабад, како и летовите од Брисел до Њујорк и Торонто, се наведува во соопштението на „Етихад Ервејс“.