Оваа позната торта името го добила по австроунгарсиот гроф Естерхази, а до денешен ден се води спор меѓу Виена и Будимпешта кој ја има “лиценцата” за оваа торта. Оригиналната рецепта е тајна, секоја слаткарница има своја верзија за подготовка на оваа торта …
Потребно е:
за тестото:
3 белки
150 гр шеќер
75 гр лешници
2 лажици брашно
1 лажица нишесте
100 мл вода
прстофат сол
1 лажиче прашок за пециво
за филот:
12 жолчки
150 гр шеќер
50 мл свеж сок од портокал
1 лажица нишесте
250 гр путер
150 мл слатка павлака
100 гр бело чоколадо
50 гр црно чоколадо
за грилијажот:
50 гр шеќер
50 гр мелени лешници
Подготовка:
– Загрејте ја рерната на 200 целзиусови степени.
– Лешниците малку испечете ги во рерна, излупете ги и измелете.
– Изматете ги белките со 100 мл вода и прстофат сол. Додадете го шеќерот и матете додека да добиете густ шлаг.
– Измешајте ги брашното, нишестето, прашокот за пециво и мелените лешници. Полека додадете го изматениот шлаг и измешајте со дрвена лажица. Оваа смеса поделете ја на 4 еднакви дела за 4 кори.
– Една по една испечете ги корите во загреана рерна, во кружен калап за торта обложен со хартија за печење околу 25 минути.
– Додека ги печете корите преминете на подготовка на филот. Во еден сад на пареа варете ги жолчките со шеќерот околу 30 минути со постојано мешање. Потоа додадете ги нишестето и сокот од портокал.
– Оставете го филот да се излади, додадете го пенесто изматениот путер и полека измешајте додека да добиете хомогена смеса.
– Следно додадете ја густо изматената слатка павлака и повторно измешајте.
– Земете една кора, ставете ја на украсна чинија и нанесте 1/4 од филот. Истата постапка повторете ја и со останатите кори, Последната кора убаво премачкајте ја од сите страни со филот.
– Направете гo грилијажот. Растопете го шеќерот на рингла додека да се карамелизира. Потоа истолчете го и помешајте го со мелените лешници. Со ова посипете ги страниците на тортата.
– На крај со малку растопено чоколадо украсете ја тортата.