„Епл“ на пазарот ќе претстави нова апликација „Епл њуз“, што ќе овозможи на сите корисници на мобилни уреди пристап до вести, објави компанијата на годишната конференција во Сан Франциско.
Компанијата соопшти дека новата услуга е вклучена во најновиот оперативен систем иОС 9, што на пазарот треба да се појави на есен. Сервисот нуди можност за читање вести и новински известувања од 50 изданија во нов информативен формат на Епл, пренесува телевизијата Еј-Би-Си.
Епл Њуз ќе ги содржи американскиот весник „Њујорк тајмс“, британскиот „Дејли мејл“, неделникот „Економист“, медискиот холдинг „Тајмс“, интернет порталот „Ваз фид“, телевизискиот канал ЕСПН, неколку изданија од „Вокс медиа“ и други. Сите тие ќе бидат достапни во нов единствен виртуелен простор.
– Сметаме дека ова е позитивен чекор, бидејќи новата услуга ќе привлече корисници што не се наши редовни читатели, изјави претседателот на компанијата „Њујорк тајмс“ Марк Томпсон.
„Епл“ тврди дека издавачите ќе ги добијат сите 100 проценти од приходите од реклами, што ќе ги продадат сами и 70 отсто од приходите од реклами што за нив ќе ги продаде рекламната служба на компанијата.