Емпанада

Од:

Емпанадата е популарно шпанско јадење, т.е. врста на пита која се прави од растечко тесто со богат слој фил помеѓу двете кори. Филот може да биде било што, солено или слатко. Често се филува со месо или риба, а слатката верзија е најчесто со јаболки.

Потребно е:
за тестото:
400 гр брашно
околу 250 мл млака вода
7 гр сув квасец
1 лажиче шеќер
1 лажиче сол
30 мл масло
1 јајце, за премачкување

за филот:
2 главици кромид
2 чешниња лук
1 конзерва туна (180 гр) во солило
помали или 1 голем модар патлиџан
2 домати
2 пиперки
околу 100 мл маслиново масло
сол и бибер, по вкус
малку чили, по желба

Подготовка:
– Најпрвин подгответе го тестото. Брашното ставете го во еден подлабок сад и додадете ги сувиот квасец, солта и шеќерот и измешајте. Почнете постепено да додавате од водата. На почеток мешајте со голема дрвена лажица, а потоа продолжете со раце. Кога ќе се формира леплива топка од тесто, префрлете ја на набрашнета работна површина и продолжете со месење на тестото околу 10-тина минути.

– Садот во кој беше брашното премачкајте го со масло и ставете го тестото. Покријте го со крпа и оставете го да стои на топло 40-50 минути за да нарасне.

– Додека чекате да стаса тестото, подгответе го филот. Филот мора да биде ладен кога ќе почнете да ја редите емпанадата.

– Во голема тава загрејте го маслото и додадете ги ситно сецканите кромид и лук. Динстајте ги додека не омекнат. Потоа додадете ги сецканите пиперки, а по неколку минути и ситно сецканите модри патлиџани. Динстајте уште 10-тина минути додека не омекне зеленчукот.

– Сега додадете ги и сецканите домати и динстајте додека не испари повеќе од течноста што ќе ја пуштат.

– На крај додадете ја туната од конзерва и измешајте. Додатете сол и бибер по вкус, а по желба додадете и чили. Оставете го филот убаво да се излади.

– Стасаното тесто ставете го на набрашнета работна површина, лесно притиснете го и поделете го на два дела. Едниот дел покријте го со чиста  крпа за да не се суши, а другиот дел развлечете го со сукало со дебелина 3-5 мм, во форма по желба. Полека тестото префрлете го во тава обложена со хартија за печење.

– Над тестото распоредете го филот. Оставте по 2 см од рабовите на тестото.

– Расукајте ја и втората половина на тестото со истиот облик и димензии и внимателно ставете ја над филот. Внимателно со раце споите ги краевите на долната и горната кора во витка.

– На средината на емпанадата направете дупка со дијаметар 2,5 см низ која ќе излегува топлиот воздух.

– За премачкување, измешајте го изматеното јајце со малку вода и со ова премачкајте ја површината на питата. Избодете ја емпанадата со вилушка на повеќе места и оставете ја малку да стои додека не ви се загрее рерната.

– Ставете ја да се пече во загреана рерна на 180 целзиусови степени околу 45 минути.

Би можело да ве интересира

По пауза од еден ден, повторно се издаваат електорнските рецепти, прекината била врската меѓу „Мој термин“ и Фондот за здравство

Индиски специјалитет: Приготвување компири во песок

Ана Ололовска

Торта „Чоколадно срце“ со три вида чоколадо

Ана Ололовска

Пилешко на кинески начин со зеленчук и нудли

Ана Ололовска

Чоколаден колач со вкус на ментол

Ана Ололовска

Чорба од целер со кнедли

Ана Ололовска