Светски познатиот готвач и поборник за здрава исхрана во училиштата Џејми Оливер денеска ќе одржи час за подготвување на т.н. сквош сендвич со вклучување во живо преку интернет, по повод Светскиот ден на револуција во исхраната.
Наставници од Средното училиште на Град Скопје „Димитар Влахов“ заедно со група ученици денеска ќе се вклучат на часот преку интернет, со што ќе дадат поддршка на Проектот за здрава и правилна исхрана кај децата на училишна возраст.
Проектот е поттикнат и започнат од готвачот Џејми Оливер, кој има отворена петиција за т.н. Револуција во исхраната која би требало најпрво да отпочне во градинките и училиштата.
Петицијата со повеќе од милион потписи би имала моќ да ги принуди Г20 владите (влади на 19 поголеми земји во светот и Европската унија) да направат темелна промена во начинот на исхрана во образовните институции.
Целта на проектот е да се намали бројот на светската популација со прекумерна тежина и угоеност, како и болестите што тие ги носат со себе.
– Целата активност за време на часот треба да се сними и документира и да се прати назад во Фондацијата како доказ за поддршка на иницијативата, информираат од СУГС„Димитар Влахов“.