Оперскиот пејач Пласидо Доминго (80) денеска одрече дека ја злоупотребил својата позиција додека управувал со две американски оперски куќи.
Две истраги открија оти тврдењата дека тој учествувал во „несоодветно однесување“ кон жените се веродостојни. Во интервју Доминго не одговори директно на прашањето дали сексуално злоупотребил жена. Но, жртвите го обвинуваат дека се обидел да ги присили на сексуален однос, нудејќи им улоги.
– Никогаш не ветував улога на пејачка, ниту пак, преземав улога од некого. Цел живот го поминав помагајќи им на другите, охрабрувајќи ги и мотивирајќи ги, рече славниот тенор.
Тој додаде дека одговорностите се делат во оперските компании, што значи, тој никогаш немал овластување да доделува улоги. На прашањето – дали некогаш ги злоупотребил своите овластувања додека управувал со оперските куќи, Доминго одговори отсечно: „Никогаш, никогаш, никогаш!“
Доминго (80) ја напушти управата на Операта на Лос Анџелес во октомври минатата година, а и други американски опери потоа ги откажаа неговите настапи. Славниот тенор смета оти можноста за враќање на сцената во САД е малку веројатна, и дека сфатил оти тој повеќе не е добредојден во Њујоршката метрополитен опера, ни во Операта на Лос Анџелес, која тој помогна да се воспостави.
– Многу сум тажен што не можам да пеам во САД. Јас уживав во тоа повеќе од половина век!, рече Доминго.