Сакате романтичен одмор во луксузно опкружување? Бирате хотел со пет ѕвезди. Сакате да заштедите при посетата на некоја европска престолнина? Се определувате за хотел со две или три ѕвезди. Изгледа едноставно, но повеќе не е така.
Голем број патници почнаа да се потпираат на оценките на хотелите, кои самите гости ги оставаат на Интернет.
Трип Адвајср наведува дека на нивните страници се објавени повеќе од 150 милиони критики и мислења, а секој ден на форумите се отвараат 2.800 теми.
Сајтовите како Hotels.com, Bookings.com, Expedia и други, докажуваат дека патниците сега имаат многу повеќе информации за хотелите.
Многумина ги користат сопствените системи на доделување ѕвезди, врз основа на оценките на корисниците. Каде се во сето тоа „вистинските ѕвезди? Има ли иднина за нив?
Што всушност значат ѕвездите?
Системот на категоризација на хотелите треба да пружи објективна оценка на неговата понуда. Инспекторите ги оценуваат хотелите врз основа на воспоставени критериуми и насоки. Меѓутоа проблемот е во стандардизацијата. Секоја земја има различни барања за ѕвездите. Така хотел со три ѕвезди во Балтимор, не наликува воопшто на хотел од иста категорија во идниска Керала. Поради тоа системот е конфузен.
– Нема универзален систем на доделување ѕвезди. Секоја земја има свои правила, а во некои случаи и повеќе од нив, што води до различни стандарди, вели Зои Чен од Hotels.com.
Во некои земји официјалниот број на ѕвезди може да биде меродавен показател за она што хотелот го нуди, но во повеќето хотели е целосно бескорисен.
Дефиниција на „пет ѕвезди“
Во 15 европски земји, меѓу кои се Германија, Австрија и Шведска, е хармонизиран системот на оценка на хотелите.
Така сместување со пет ѕвезди мора да вклучува персонализиран пречек на гостинот со цвеќе или подарок, како и едночасовна услуга на пеглање на облеката.
Во САД постои систем на „дијамантско оценување“. Така хотел со „пет дијаманти“ нуди услуги како будење, „софистицирано и луксузно опкружување“ и „исклучители физички атрибути“.
Индија системот го доведува на ново ниво. Освен критериумите како квалитетна постелнина, џакузи када и услуга за паркирање, секоја бања од пет ѕвезди мора да има барем три закачалки за пешкири, телефон покрај ВЦ-школката и ЛЕД часовник во ходниците, на кој броевите се одделени барем 7,5 сантиметри.
Репутацијата на системот на ѕвезди во Кина изминатите години е сериозно нарушена, откако поединечни хотели доброволно го намалиле сопствениот број на ѕвезди од пет на четири. Имено кинеската Влада им забрани на министрите да престојуваат во хотели со пет ѕвезди.
Во Дубаи е уште покомплицирано, најмногу поради хотелот Бурџ Ал Араб, кој е наречен „единствен хотел со седум ѕвезди во светот“. Менаџерот на хотелот Хајнрих Морио изјави дека станува збор за мит, кој веројатно го создал некој воодушевен новинар и оти хотелот во никој случај не се промовира со тој статус.
Интернет игри
Оценките на Интернет секако се уште поподложни на манипулации. Еден бизнисмен е разоткриен, откако објави коментар за непостоечки ресторан за морски плодови во Девон.
Наместо да го пронајдат ресторанот, гладните клиенти врз основа на насоките на овој несовесен корисник на Интернет, влегле во уличка полна со смет.
Сепак сајтовите се борат против таквите случаи.
– Им дозволуваме на гостите да објават коментар за некој хотел, само доколку резервирале сместување во него на Hotels.com и се вратиле од патувањето, вели Чен.