Патувањата во подалечните дестинации како Перу, Куба, Индија, Тајланд, Тибет, Бали… секогаш се привлечни и интересни, особено за младите, кои сакаат авантури. Но во овие случаи има повеќе работи, за кои морате да водите сметка.
За почеток добро размислете дали на патувањето ќе одите во сопствена режија или преку агенција. Имено патувањата на овие дестинации, освен авантури, со себе носат и одредени ризици.
– За пат на такви дестинации потребно е да знаете што треба да видите, а водичите секогаш се подобра опција. Постојат здравствени, безбедносни аспекти, но и фактот дека времето е пари. Имено кога патувате сами, можете да поминете и до седум пати поскапо, бидејќи не ги познавате обичаите и т.н. ценкање, традициите. Исто така здравстениот аспект е многу важен, водичот знае како каде треба да се однесува, бидејќи во некои земји не смеете да ги миете забите со вода, некаде не смее да се јаде пржена, некаде варена храна, изјави Милош Јанковиќ од туристичката агенција „Џангл трајб“.
Но сепак доколку некој се одлучи да тргне во соло режија, треба добро да се распраша за сите потенцијални опасности, пред се за здравствените.
На пример за влез во Индија не е неопходна ниту една вакцина, но строго се препорачува вакцинирање протиов хепатит А, хепатит Б, тифус и беснило. Исто така во Азија, Африка и други делови од светот треба да се избегнува да се пие вода од чешма, а при купување на флаширана вода потребно е да се обрне внимание на затворачот, бидејќи се случува веќе употребеното шише да биде наполнето со обична вода. Купувањето храна на улица исто така е мошне ризично, бидејќи не можете ниту да замислите, какви се болести може да добиете.