Потребно е:
300 гр мелени плазма кекси
за една кора (треба да направите три вакви кори):
4 белки
4 лажици шеќер
4 лажици (од тие 300 гр) мелени плазма кекси
1/4 лажиче прашок за пециво
за филот:
12 жолчки
150 гр шеќер
100 гр чоколадо за готвење
2 пудинга со вкус на слатка павлака
600 мл млеко
5 лажици шеќер
250 гр путер или маргарин, на собна температура
остатокот од мелените плазма кекси
2 пакетчиња за шлаг крем од ванила
500 мл млеко
4 лажици шеќер
Подготовка:
– Калапот за торта со дијаметар од 24 см обложете го со хартија за печење.
– Прво поченете со подготовка на првата кора. Белките со шеќерот изматете ги во густ снег. Потоа во снегот од белки додадете ги мелените кекси и прашокот за пециво и полека измешајте со лажица. Оваа смеса сипете ја во калапот за торта.
– Рерната загрејте ја на 200 целзиусови степени и кога ќе ја ставите кората веднаш намалете ја температурата на 150 степени и печете 15-тина минути. Готовата кора извадете ја со калапот и оставете да се излади. Хартијата тргнете ја од кората непосредно пред да ја филувате. Истата постапка повторете ја и за другите две кори.
– Сега почнете да го подготвувате филот. Пенесто изматете ги жолчките со шеќерот и ставете ги да се варат на пареа со постојано мешање додека не се згуснат. Додадете го чоколадото и мешајте додека не се растопи. Оставете ја смесата да се излади.
– Измешајте ги прашокот за пудинг, шеќерот и малку од млекото за да немате грутчиња. Преостанатото млеко ставете го на рингла да се вари и во него сварете го пудингот. Садот покријте го со пластична фолија за да не ви се фати коричка на пудингот. Оставете го убаво да се излади.
– Во изладениот фил од жолчки додадете го путерот и убаво изматете со миксер, а потоа додадете го и пудингот и уште малку изматете. Додадете ги мелените плазма кекси и измешајте со лажица. Оваа смеса оставете ја да се стегне во фрижидер најмалку еден час пред да филувате со неа.
– Во еден сад изматете ги шлаг кремот со млекото и шеќерот додека не се згусне.
– Земете ја првата кора со хартијата од горната страна и ставете ја на чинија за сервирање. Внимателно одлепете го од кората и филувајте ја кората прво со филот со плазма кекси, а потоа со шлаг кремот. Истото повторете го и со другите две кори.
– Тортата оставете ја преку ноќ да стои во фрижидер за да се соединат сите вкусови и за да омекнат корите.
– Тортата декорирајте ја по желба со изматен шлаг, топено чоколадо …