Вака добри колачиња одамна не сте пробале, така крцкави, а се топат во уста …
Потребно е (за 14 колачиња):
60 гр пире од печена тиква
70 гр брашно
70 гр нишесте
60 гр кафеав шеќер
1 лажиче прашок за пециво
околу 50 гр сецкано темно чоколадо
околу 30 гр сецкани бадеми
60 гр путер (растопен, па изладен)
по желба шеќер во прав, за посипување
Подготовка:
– Тиквата исечете ја на поголеми парчиња, исчистете ги од семките, излупете им ја кората и убаво измијте ги. За 60 гр пире од тиква ќе ви биде потребно 120-150 гр претходно исчистена тиква.
– Прчињата иква исечете ги на коцки, наредете ги во тава обложена со хартија за печење и ставете ги да се печат во загреана рерна на 180 целзиусови степени. Печете ги додека не омекнат убаво (30-40 минути). Испечените парчиња тиква уште врели убаво рачно испасирајте ги или пак ставете ги во блендер и изблендирајте ги. Оставете го пирето убаво да се излади.
– Пуерот растопете го и оставете го убаво да се излади.
– Чоколадото и бадемите грубо исецкајте ги.
– Во подлабок сад ставете ги брашното, нишестето, прашокот за пециво, шеќерот и измешајте. Додадете го пирето од тиква и повторно убаво измешајте со дрвена лажица. Потоа додадете го изладениот путер.
– Со рака замесете го тестото додека не добиете хомогена смеса.
– Додадете ги сецканото чоколадо и сецканите бадеми и повторно месете го за да се поврзат сите состојки. Треба да добиете мазно меко тесто кое не треба да се лепи.
– Тестото ставете го на работна површина обложена со хартија за печење и обликувајте го како ролат, а потоа исечете го на 14 делови.
– Од секој дел со раце обликувајте топче и наредете ги во тава обложена со хартија за печење. Оставете растојание меѓу нив затоа што додека ги печете тие ќе нараснат. Секое топче нежно притиснете го со рака.
– Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 180 целзиусови степени и печете ги околу 15 минути додека малку не поруменат.
– Извадете ги од рерна и по желба веднаш посипете ги со шеќер во прав. оставете ги да се изладат и послужете ги.
– Овие колачиња може неколку денови да ги чувате во лимена кутија или пак во поклопен стаклен сад.