Бугарија стана вселенска сила, а Хрватска тоне во минатото

Од:

Индекс – Загреб

Откако Романија не надмина во стандардот, Хрватска дочека нова вест – Бугарија, најмалку развиената земја во ЕУ, лансираше прв сателит. Ракетата-носач „Спејс Икс Фалкон 9“ во геостационарната орбита постави бугарски телекомуникациски сателит – „Булгарија Сат-1“.

Пред 30 години Бугарија за нас беше тотална беда. Тие беа дел од Источниот блок. Иако преминаа на страната на Сојузниците недолго откако во 1944 година советските тенкови се појавија на границите и ја завршија војната како антифашистичка држава, Русите не ги сакаа премногу.

Дури и во романите на Флеминг за Џејмс Бонд, можат да се најдат поглавја во кои Советите ги користат Бугарите за „валкани работи”. Иан Флеминг тоа не го пишувал без причина. Советската чизма таму беше многу цврста, а животот на граѓаните не беше лесен.

Денес „Булсатком“, бугарскиот провајдер на услуги на сателитска телевизија, интернет и мобилниот оператор има и прв геостационарен сателит. Не само што се први по бројот на ТВ претплатници во Бугарија, туку од 2010 година уредно се шират и во Србија, под неутрално име „Поларис Медија“. Новиот сателит на компанијата која вработува 1.800 луѓе овозможува ширење на пазарот на тоа што го викаме Балкан, потоа на остатокот од Европа, Блискиот Исток и Северна Африка.

Значи, да повториме, народ за кој пред 30 години кажувавме вицови, денес уредно се бави со продажба на услуги кои најмногу се бараат: платени ТВ канали, интернет и мобилна телефонија и тоа така што соработуваат со Американците кои им помогнаа со најнова технологија – ефтино лансирање кое го овозможува „Спејс Икс“ и сателитот од серијата „ССЛ 1300“ кој го произведува компанијата ССЛ со седиште во Пало Алто во Калифорнија.

Со ова Бугарија се смести не само во редот на вселенските сили, туку и како извозник на услуги на електронски комуникации.

Нема висок стандард без висока технологија

Сите не прескокнуваат! Каде воопшто оди Хрватска? Младоста си оди, околу образовниот курикулум се уште ништо не правиме, како и околу реформите на образовниот процес. Земјата, политиката и луѓето се оптоварени со минатото.

Никој не сака реално да ги постави работите: ако во денешен свет сакате добра плата, тогаш земјата мора да се бави со висока технологија и секако со квалитетни занаетски знаења. Ако сакате да монтирате автомобили, тоа значи да се произведуваат и одржуваат роботи. Ако сакате добро да продадете ручек или вечера, тоа не може повеќе да биде виенски со пржени компирчиња.

Ако сакате странски инвестиции и некој кој би отварал работни места, државната администрација мора да биде брза, јасна и да знае јазици, а даночниот систем едноставен и разбирлив на сите. Конкуренција е, 200 држави се во светот и големо мнозинство се бутка за да напредува.

Хрватска не зборува за иднината

Кога во оваа земја последен пат сериозно се расправало за висока технологија? Погледнете го Саборот овие денови. Ни збор за иднината, ни збор за технологии, но ни збор за тоа дека добар дел од преостанатите невработени никогаш нема да добијат работа.

Образовната структура на невработените е ужасна, во јуни оваа година имавме 11.871 невработени кои немаат ни основно училиште, 38.395 со основно училиште и 53.606 со завршени занимања до трета година средно училиште. Додадете ги тие со гимназија, половина невработени денес нема што да работат.

Уште кога автоматските каси, самовозечките возила и друга автоматизација ќе ја укине потребата за едноставни работни места, тогаш ќе биде уште полошо. Трајна социјала. За тоа никој не зборува! Барем малку да имаме добро стручно образование, но го немаме ни тоа.

Знаете ли дека многу европски универзитети уредно лансираат сателити, вклучително и универзитетите на Нова Европа, од Чешка до Летонија? Технологијата овозможи развој на мали и исклучително ефтини сателити, под заедничко име „КјубСат”. Овие сателити се обично со 10х10х10 сантиметри и се лансираат главно како секундарен товар со поголемите сателити. Цената на изработката и лансирањето е малку поскапа од цената на компакт автомобил.

Зошто, поради кој и поради што Хрватска не може да одвои пари, секој наш Универзитет да направи еден „КјубСат“, за нашите студенти во пракса да имаат референца на работата со микросателитите, а со тоа и општеството во целина повеќе да се заинтересира за високата технологија?

Впрочем, зарем не би била најдобра прослава, еве за Денот на државноста од орбитата да се слушне 9А повикувачки знак за Хрватска? Тогаш би можеле да им кажеме: „Тука сме, ова го направи нашата младина, ова е Хрватска и тука е нашата иднина!”.

Зарем не може Саборот да овозможи експериментално користење на самовозечки автомобили, прописи кои ги имаат 2-3 американски сојузни држави и можеби уште 2-3 други држави во светот, со цел тие кои се бават со ова подрачје, асистентите, приправниците, нашите млади луѓе да научат нешто за една од најсовремените технологии денес. Се плашам дека тој кој можеби и би го предложил ова во Собранието, би бил исмеан и од пратениците и од медиумите и од граѓаните.

Земја на морето и сонцето

Нам моментно ни оди добро бидејќи туризмот цвета, добар дел од Северна Африка не е безбеден и повеќе не е туристичка дестинација, Турција практично сама се „исклучи”, во Грција не сте сигурни кога ќе почне некој штрајк. Главно, Хрватска е комотна и безбедна туристичка дестинација, имаме и што да покажеме, рекордите се тука, буџетот ќе се полни. Но, до кога?

Државата не може да се темели само на туризмот ако сака повисок стандард. Не треба секако да се зборува дека туризмот е лош. Има голем број сезонци, овозможува на многу студенти да го платат школувањето, одличен е социјален амортизер ако немате работа, можете да одработите сезона и да бидете мирни пред зимата, но туризмот не е доволен.

Хрватска како да не сака да го прифати денешниот свет и денешните приоритети. Постојано се провлекува минатото, не само 1941 и 1991 година, туку и „како порано било во фабриката Икс-Ипсилон”, а тие фабрики одамна ги нема, повеќе го нема тој индустриски процес. Дојдоа нови времиња. Денес се заработува со лансирање на сателити и пружање на нови услуги.

Прашањето е само едно, дали како народ ќе сфатиме дека живееме во век во кој живееме, или и понатаму ќе живееме во минатото, а во стварноста да се гасиме, демографски, технолошки и на сите други начини. Кога Хрватска ќе почне да размислува за иднината?

Би можело да ве интересира

Блумберг: Америка тврди дека Русија ќе испрати нуклеарно оружје во вселената оваа година

Не сме сами: се појавуваат докази за живот во вселената

Предраг Петровиќ

Астронаутите инсталираа нови соларни панели на ISS

Ана Ололовска

Најголемата вселенска експлозија: Научниците никогаш не биле сведоци на нешто од вакви размери

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Лансирана најголемата ракета во историјата: полета, па набрзо експлодира и потполно се распадна

Ана Ололовска

Научниците открија повторлив радио сигнал од планета со големина на Земјата