Уметничката вредност на Изборот за песна на Евровизија е секогаш дискутабилен, но нема дилема дека му помага на светот во совладување на географијата. Благодарение на импресивниот настап на Тамара Тодевска светот дозна за новото име на земјата што ја претставува.
Ова го вели Би-Би-Си во коментар за синоќешната манифестација што се одржа во Тел Авив, Израел, насловен „Евровизија 2019: Петте научени лекции“.
-Согласно договорот постигнат лани со Грција, земјата која што порано беше позната како Поранешна југословенска Република Македонија и беше овозможено да си даде ново име – Северна Македонија, се наведува во текстот.
Британскиот национален сервис го илустрира текстот со фотографија од Тамара и нејзиниот тим посочувајќи дека таа во еден период од гласањето ја предводеше листата на земји со најмногу поени.
Покрај географијата, меѓу петте научени лекции од Евровизија 2019 се наведени и: дека не може да се избегне мешање на политиката иако станува збор за неполитички настан, дека добрата песна секогаш ја победува пренагласената сценографија, дека и големите ѕвезди може да разочараат и дека „големата петорка“ (Германија, Франција, Велика Британија, Шпанија и Италија) и не е така голема.