Со заеднички сили пратениците во белгискиот Парламент ја отфрлија иницијативата за укинување на нивното право на бесплатно пиво и вино во текот на седниците.
Етичкиот комитет побара од претседателот на Парламентот, Зигфрид Браке да ги укине бесплатните алкохолни пијалаци по истрагата за лошо однесување во Собранието, со образложение дека тој потег „би го поправил квалитетот на дебатата“.
– Некои од пратениците стануват прилично непријатни кога ќе се напијат, рече претседавачот на Комитетот, Дани Питерс, додавајќи дека бесплатни пијалаци не се нормална појава на кое било друго работно место.
Сепак, откако тој разговарал со челните лица на парламентарните партии, Браке изјави дека алкохолот останува бесплатен, оти „проблем не постои“.
Бесплатното пиво и вино на седниците е воведено во 1990 година, со цел – пратениците да не ја напуштаат собраниската сала заради пијалаците.