Синоќешниот концерт на американската пејачка Мадона во Брисел е повод за потсмешливи статии во локалните весници денеска.
Не сите билети биле продадени, а во анализите се вели дека последниот нејзин албум е слаб и младата публика не ја препознава како свој идол. Концертот се одржа на стадионот Крал Бодуен (поранешен Хејсел). Според весникот Соар биле продадени само околу 40 илјади билети или 75 отсто од вкупно понудените. Весникот Либр Белжик наведува дека неколку часа пред концертот половината билети биле непродадени.
За најскапите, по 150 евра немало заинтересирани.
Изданијата го поврзуваат тоа со нејзиниот најнов албум како и со кризата заради која луѓето не би купиле билети од по 45 евра. Во првата недела од продажбата на нејзиниот албум цифрата на продадени примероци била 390.000, но неколку дена подоцна регистриран е пад за 90 отсто.
Мадона вчера сменила на концертот седум костими, а танчерите 15. Соар тврди дека за едно такво шоу потребни се на пример, 700 пара чевли.
Во еден момент, додека пеела Мадона насочила пиштол кон публиката, а танчерите биле вооружени со автоматски пушки Калашников.
Мадона наскоро ќе наполни 54 години.
Либр Белжик додава во коментарите дека за младите Мадона изгледа како „баба во мини-здолниште“ со истакнати „разголени гради и задник“. Весникот додава дека таа сега има силна конкуренција пред се во Лејди Гага. Пред три години беа продадени сите билети за нејзиниот концерт во Брисел.