Брисел најави планови за забрана на штетната хемикалија акриламид, но тоа значи дека наскоро може да остане без својот препознатлив деликатес.
Европската комисија планира да го забрани акриламидот, кој по игра на случајот се наоѓа во еден од најпознатите белгиски специјалитети – помфритот.
Белгијанците, кои тврдат дека го измислиле помфритот, велат дека забраната би го променила вкусот на нивното „национално јадење”.
– Важно е да не донесеме мерки кои ќе имаат последици во нашата богата гастрономска традиција, напиша министерот за туризам Бен Вејтс во дописот до Европската комисија.
– Нашиот помфрит има вкус поради нашите мајстори кои ги пржат компирчињата во два наврати. Разбирам дека надвор од нашата земја постојат различни култури, но ние имаме своја традиција. Би била голема штета ако ЕУ го забрани помфритот, вели Вејтс.
Со него се согласува и премиерот Шарл Мишел, кој забраната за крцкавиот помфрит ја нарече „злосторство”.
Белгискиот помфрит се прави така што дебело сечен компир се пржи два пати, поради што станува крцкав.
Прво се пржи на средна температура за да биде мек од внатре, а потоа на висока, за да добие крцкава кора. Меѓутоа, ако акриламидот се забрани, компирчињата повеќе нема да можат да поминуваат низ таков процес на готвење, бидејќи е докажано дека тој во скробни намирници ја создава таа штетна хемикалија.