Бележникот на британскиот математичар и научник Ален Турнинг, најмногу познат како разбивач на супер тајната нацистичка шифра „Енигма“ од времето на Втората светска војна е продаден на аукција во Њујорк за еден милион долари.
Станува збор за еден од малкуте ракописи на Туринг, раководител на малубројната екипа Британци- „супер умови“ кои работеле на декодирањето на „Енигма“. Успехот на Турниг и на другите се смета од витално значење за текот на војната, за нејзиното побрзо завршување и за победите во најзначајните операции за конечната победа на сојузничките сили.
Машината што ја создаде Туринг за да може да се декодираат нацистичките шифрирани пораки се означува како основата за денешните компјутери.
Купувачот на бележникот побарал да остане анонимен.
Овој ракопис на Туринг потекнува од 1942 година, од времето кога тој работел во Блечли Парк, локацијата во Англија каде се работело на декодирње на нацистичките шифри, што официјално била означена како фабрика за производство на радио апарати.
Бележникот го поседувал британскиот математичар Роберт Генди кој ги имал сите хартии на Туринг. Се веруваше дека тој во 1977 година му ги предал сите документи од оставината на Туринг на Кингс Колеџот во Кембриџ, но се покажа дека го задржал бележникот меѓу своите документи се до својата смрт.
Ракописот има 56 страници и во него има „длабоко, лични пораки“ за кои Генди сметал дека треба да останат сокриени, чувајќи ја приватноста на Туринг.
Ален Турнинг се самоуби, во својот стан, во 1954 година,по извршената хемиска кастрација, поради неговата хомосексуалност. Ваквата брутална казна која тогаш се применувала во Велика Британија била алтернација за затворската казна.
Пред две години, Туринг беше посмртно целосно рехабилитиран, а неговата казна поништена со одлука на британската кралица Елизабета.
Приказната за неговиот живот беше прикажана во филмот „Игри на имитацијата“.