Автобус кој во периодот од 2001 до 2005 година го користеше тимот на Ферари во Формула 1, а во кој во тоа време се наоѓаше и Михаел Шумахер, ќе биде понуден на аукција во Париз.
За Скудериа Ферари во тој период покрај Шумахер, возеше и Бразилецот Рубенс Барикело.
Автобусот сега е преуреден во луксузна куќа на тркала, со дизел мотор со 380 коњски сили, поврзани со осмостепенски автоматски менувач.
Оригинално, автобусот имал два посебни апартмани со ТВ, сателитски телефон, интернет конекција и физиотерапевтска опрема за третман на фозачите по трките.
Кога Ферари го продаде возилото, новиот сопственик го преуредил според своите потреби.
Заменета е електричната инсталација, а автобусот добил целосно опремена бања, независен систем на греење и климатизација, дизел генератор за производство на струја од 220V, домашно кино и луксузен брачен кревет.
Од надвор, сопственикот решил да го задржи оригиналниот изглед со ознаките Скудериа Ферари, а автобусот има и сертификат за автентичност од Ферари.
Возилото поминало повеќе од 90 илјади километри, а ќе се најде на аукција во Париз на 8 февруари. Се очекува дека ќе достигне цена помеѓу 125 и 150 илјади евра.