Алпите ни умират пред очи

Од:

Дојче Веле – Берлин

Група научници пеш ги поминаа Алпите во 1992 година, а тоа го повторија и ова лето. Во рамки на проектот „Ватсалп“ тие утврдија дека промените некаде се застрашувачки како последица на климатските промени. Сепак, има и иницијативи кои влеваат надеж.

Идејата беше да одат по истиот пат како пред 25 години: од Виена, па се до Ница во Франција. Очекуваа промени, но некаде тие беа поголеми отколку што очекуваа. Во пониските делови на Алпите шумите умираат и има се повеќе штетни инсекти. Овоштарниците се оштетени од честите мразеви и прераното нивно топење. На врвот на Алпите глечерите се повлекуваат и таму каде што имаше снег и во зима и во лето, ова лето беше суво.

Тоа не е се: се почести се силните дождови и водата го менува пејзажот. Ги нема ниту патеките по кои одеа пред четвртина век, бидејќи земјата од дождот навлегла во долината. – Се се тоа знаци на климатски промени, истакнува швајцарскиот географ Хари Спајс.

– Сите се свесни за тоа, но никој не го менува однесувањето. Времињата се променија. И во приоритетите и во политиката. Сега сите се занимаваат со глобалните теми, како што се тероризам и бегалци, вели Спајс.

Дојденците го менуваат пејзажот

Всушност, кога станува збор за бегалците и на Алпите се случи нешто што пред 25 години не можеше ниту да се сонува: овој планински масив беше главна пречка на бегалците на нивниот пат кон северна Европа. Денес некои од нив ги користат планинските патеки, пред се во обидот од Италија да стигнат до Франција.

Но, многу поголеми промени предизвикаа туристите. Има многу посетители и од Блискиот Исток, така што на Алпите многу работи се сменети за да им се овозможи престој. Изградени се или проширени патиштата, има поголеми хотели, пространи паркинзи. – Тоа се уште не е доволно да ги уништи Алпите, но има уште многу работа за да се создаде вистинска стратегија, смета Спајс.

Туризмот во некои долини веќе дојде до границите што ги поставила природата. А климатските промени ќе ја загрозат егзистенцијата и на многу населби.

Според климатските експерти, јужните падини на Алпите ќе бидат изложени на уште поголема суша и топли бранови, но и екстремни дождови и снежни врнежи. Северните долини, пак, ретко ќе бидат под снег, но често ќе има обилни дождови од силни атлантски метеоролошки струења.

Иницијативи кои влеваат надеж

Доминик Зигрист, швајцарски архитект за животна средина и географ, сепак, за време на годинашново патување најде тронка надеж: пред четвртина век за време на нивното патување ретко кој гледаше на предупредувањата за зачувување на животната средина, а сега има повеќе локални организации кои се активни на тој план. – Тоа е голема заедница луѓе од Алпите кои активно работат на тие промени, вели Зигрист.

Таа активност опфаќа научни истражувања, проекти кои го поттикнуваат земјоделството и туризмот. Има многу локални, регионални, но и меѓународни иницијативи кои настојуваат да ги прошират подрачјата кои се под заштита или се прогласени за национални паркови.

Тие групи се активни и на меѓународната сцена за да се спротивстават на проектите со кои се менува пејзажот на Алпите, како што е проектот за автопат од Минхен до Венеција. Но, активно делуваат и против оние кои скијачките терени ги преместуваат кон врвот на планината, таму каде се уште има природен снег.

Поради тоа, овојпат се сретнаа со претставници со многу такви организации, имаа вкупно 110 средби и тоа со соговорници од сите алпски земји, како што е здружението на австриски планинари кои поттикнуваат престој на Алпите без моторни возила или здруженија кои се занимаваат со органско земјоделство и одгледување говеда на падините на планината.

А, што ќе биде по 25 години? Во секој случај сакаат да тргнат и на тој пат, ако им дозволи здравјето. Тешко е да се верува дека климатските промени нема уште повеќе да ги променат Алпите, но можно е дека ќе има уште многу пријатни изненадувања.

Би можело да ве интересира

Ќе бидам со по еден маж од секоја држава-необична цел на 27 годишна девојка

Предраг Петровиќ

Листа на најевтини и најскапи патувања за 2023 година: Сместување само 17 евра

Предраг Петровиќ

Хрватски остров меѓу 10-те најубави во Европа ФОТО

Предраг Петровиќ

Туркменистан, најверојатно, ја затвора „Портата на пеколот“

Ана Ололовска

Истражување: Турција има најевтини кинобилети

Ана Ололовска

Палата со уникатно, скапоцено зелено опкружување во Кина

Ана Ололовска