По животот поминат во центарот на вниманието, пред камери и фотоапарати, Ален Делон беше погребан во строга приватност далеку од очите на јавноста, а семејството и пријателите се простија од него во капелата на неговиот имот.
Според желбата на неговите три деца, легендата на француската и светската кинематографија беше погребан во теренот на неговата селска куќа во „најстрога приватност“. На церемонијата била поканета внимателно избрана група од 40 блиски луѓе од кои било побарано да ги исклучат телефоните и да не се фотографираат.
Францускиот актер, кој почина во неделата на 88-годишна возраст, претходно побарал да нема национални почести, инсистирајќи дека сака да биде погребан „како обичен човек“.
Откако добил специјална дозвола од локалниот префект, тој бил погребан во капелата изградена во Ла Брулирие, имот во Души во Лоара, 140 километри југоисточно од Париз, кој го купил во 1970-тите каде што и починал. Капелата се наоѓа на гробишта на имот од речиси 120 хектари, голем дел пошумен, каде Делон закопал најмалку 35 од своите миленици.
Актерот побарал со него да биде погребано и неговото куче, „придружник до крајот на животот“, белгиски овчар по име Лубо. По протестите на активистите за заштита на животните, трите деца на актерот Ентони (59), Анушка (33) и Ален-Фабиен (30) се договориле да го чуваат кучето во семејството.
Не е јасно кој и каде ќе го задржи Лубо, бидејќи тројцата жестоко се расправаа во последните месеци за наследството на нивниот татко.
Делон побарал и католичкиот свештеник монсињор Жан-Мишел Ди Фалко (82), поранешен бискуп на Гап во југоисточна Франција и долгогодишен пријател на актерот, да го спроведе погребот.
Во 2017 година, Ди Фалко ги надгледуваше погребите на актерката Миреј Дарк, придружничката на Делон од 1968 до 1983 година и жената што тој ја опиша како „љубовта на мојот живот“, како и на музичарот и пејач Шарл Трене и францускиот деловен тајкун Жан-Лук Лагардер. Тој, исто така, присуствуваше на погребот на поранешниот претседател Валери Жискар Д’Естен во 2020 година.
Наводно, на ожалостените им било побарано да ги запечатат своите мобилни телефони во пластични кеси за време на церемонијата и им било кажано дека не треба да се фотографираат. Локалната префектура забрани авиони и дронови да летаат над имотот.
Некогаш познато лице во Души, Делон не е виден во селото неколку години откако доживеа мозочен удар во 2019 година и му беше дијагностициран бавно растечки лимфом во 2022 година.