Епл официјално потврди дека ајОС 12 веќе е достапна за симнување од корисниците. Новата платформа нуди голем број на корисни функции и го скратува за половина времето за полнење на апликации. Компанијата ветува за 70 отсто побрзо стартување на камерата и опипливо повисоки перформанси, особено на постарите смартфони. АјОС 12 е компатибилен со сите уреди кои добиле надградба до ајОС 11, вклучувајќи Ајфон 5с, Ајпад мини 2, Ајпад Ер и шестата генерација на музичките плеери Ајпод тач.
За да започнете со инсталацијата отворете го менито „Settings“ и кликнете потоа на „General“ и „Software Update“. Софтверските оптимизации на Apple се грижат за оптимални перформанси, дури и при максимално оптоварување на системските ресурси. АјОС 12 нуди пристап до најдобрата верзија на Сири досега, како и атрактивната функција „Shortcuts“ која овозможува да користите персонализирани барања, при работата со услугата. Системот за известување е исто така променет.
Платформата користи софистицирани навигациски алгоритми во апликацијата „Maps“, која попрецизно ги прикажува различните објекти на мапата. Секој корисник може да следи колку време поминува пред екранот за паметните телефони и да создаде временски ограничувања за апликациите на „Screen Time“. Откако ќе инсталирате АјОС 12, ќе забележите разни промени во интерфејсот и како работат „iBooks“, „Stocks“, „Voice Memos“ и „Apple News“. Исто така постои опција да се направат групни разговори во „FaceTime“ со до 32 луѓе, но тоа ќе биде достапно во подоцнежна фаза.